Кампања за носење велосипедски кациги разлути дел од германската јавност

Јавна кампања на германското министерство за транспорт за подигање на свеста на велосипедистите да носат кациги, предизвика револт во јавноста и обвинувања за сексизам поради тоа што се прикажани модели кои носат само кацига и долна облека.

Кампањата под слоганот „Изгледа грдо, но ми го спасува животот“, прикажува фотографии од Алисија Кохлер, учесничка во шоуто „Германскиот следен топмодел“, како носи виолетова кацига и градник.

Сепак акцијата, која треба од утре да почне да се појавува на билборди низ државата, се соочи со бран критики, додека женското крило на Социјалдемократската партија (СПД), која е помалиот коалициски партнер во владата, побара кампањата да се стопира.

„Срамно е, глупаво и сексистички министерот за транспорт да ги продава неговите политики преку гола кожа“, изјавила Мариа Нојхл, претседателка на женското крило на партијата.

Министерката за семејство, Франциска Гифи, исто така упати критики до министерот за транспорт Андреас Шојер, кој доаѓа од конзервативната Социјалхристијанска Унија од Баварија (ЦСУ).

Објавувајќи нејзина фотографија на Фејсбук, на која е во формална облека, со нејзиниот велосипед, таа напиша: „Драг Андреас Шојер – облеката исто така оди добро со велосипед!“.

Портпарол на министерството за транспорт бранејќи ја кампањата изјавил:

„Успешна кампања за безбедност во сообраќајот треба да ги размрда граѓаните и може да поларизира“.