Кампањата „веган во јануари“ го зголеми бројот на вегани во Велика Британија

Кампањата „веган во јануари“ е „виновна“ за зголемување на бројот на луѓе во Велика Британија кои одлучуваат да го прифатат веганскиот начин на живот. Од 2006 до 2016 година, се проценува дека бројот на вегани во Велика Британија пораснал од 150.000 на 542.000.

Веганските здруженија велат дека кампањата, која се спроведува петта година по ред, е дел од причината за овој раст.

„Веганите се новите вегетаријанци (лица кои не јадат месо, но конзумираат животински производи). Веганството станува сè подостапно”, тврди Доминика Пиасека, од веганските здруженија.

Основата на веганството се наоѓа во потребата за заштита и благосостојба на животните. Веганите веруваат дека нити едно животно не треба да биде повредено, искористено или убиено за човечка корист.

Про-веганските групи често споделуваат видео клипови на кои се прикажани конвенционалните фарми или случаи за кои велат дека претставуваат малтретирање на животните.

„Аргументот за благосостојбата на животните за да стане веган е многу логичен, бидејќи всушност, повеќето од нас се против суровоста кон животните”, вели Доминика која додава дека веганството станува се подостапно.

„Всушност, дури и Мекдоналдс воведоа вегетаријанска плескавица“, додава таа.

Синџирот на брза храна ја воведе безмесната опција во Финска, но ако успее може да се прошири и низ цела Европа.

Познати личности, меѓу кои и Сиа, Луис Хамилтон, Ариана Гранде и Мајли Сајрус, избраа да бидат вегани. Истовремено Твитер објави дека има 85% зголемување на бројот на твитови со хаштаг #veganlife, од 2016 година.