Иницијативата „Канцерогено општество“ преку „Фејсбук“ повика на мирен протест против загадувањето, кој ќе се одржи во сабота (26 јануари) од 13 часот пред Собранието на Република Македонија, а предвидена е и кратка рута на демонстрантите до Владата.
„Мртво општество, не! Од целата земјина топка, нашите плуќи го дишат најзагадениот воздух во светот. Зарем мислите дека заслужуваме и зарем мислите дека сме имуни? Еден од најголемите причинители за рана смрт е дишење неквалитетен воздух. Јавни дебати околу квалитетот на воздухот во Македонија скоро и да нема. Резултатите на политичарите и надлежните институции се видливи за секој од нас. Ајде да покажеме дека не сме Фејсбук револуционери и да се избориме за основното човеково право за здрава и чиста животна средина. Сите заедно да покажеме дека никој не смее да си игра со нашето здравје и да докажеме дека знаеме како сограѓани да се избориме за почиста иднина“, стои во повикот за протестот.
Организатори на протестот се граѓани кои пред четири години протестираа пред фабриката „Железара“, со барање да се реши проблемот со филтрите. Сега од иницијативата бараат веднаш да се свика итна владина седница поради, како што велат, алармантната состојба со квалитетот на воздухот во земјата.
Бараат итно вклучување на на експерти, доктори, еколози, еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата, а владата да ги употреби сите потребни средства за справување со проблемот.
„Бараме вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи. Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решениа кој дирекно удираат по џебот на најсиромашните а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени. На сите нас е во сабота да ги дополниме или подобриме нашите заеднички барања се со цел за најдобро и најбрзо решение за воздухот. Другари и другарки да не се молиме, сите знаеме што дишеме, време е да дејствуваме“, се вели во повикот за саботниот протест.