Кандидатите за градоначалници на град Скопје на претстојните локални избори денеска во седиштето на Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Синхоронизирано на различни локации Кодексот го потпишаа и кандидатите за градоначалници во сите општини во Скопје и во целата држава.
Кодексот го потпишаа кандидатите за градоначалник на главниот град, Петре Шилегов од СДСМ, Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорги Тодоров од НДМ, Насије Селмани од БЕСА, Ванчо Шехтански од ТМОРО, Марија Јонес од Левица и Наим Бајрами од Алијанса на Албанците, а кандидатот на ДПА Беким Фазлиу тоа ќе го направи дополнително.
Учесниците во изборите за градоначалници и членови на советите на општините и град Скопје закажани за 15 октомври го потпишуваат Кодексот врз основа на член 8-в од Изборниот законик.
Со овој Кодекс учесниците на локалните избори се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, но и на сите граѓани на РМ, дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат овој Кодекс, дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи на РМ, кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваат владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.
Тие недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи, финансирани од Буџетот на РМ, буџетите на општините и град Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмилесно се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на која било политичка партија или кандидат.
МИА