Во пресрет на претседателските и предвремените парламентарни избори, започна потпишувањето на Заложбата за политичка одговорност, со која политичарите и политичките партии јавно се обврзуваат доверените јавни функции да ги вршат одговорно и отчетно, да го застапуваат јавниот интерес и да ја негуваат дебатата како форма на комуникација.
Потпишувањето на Заложбата го иницираше Фондација Метаморфозис преку својот проект Вистиномер поддржан од американската фондација National Endowment for Democracy – NED, со цел да придонесе во промоцијата на принципите на отчетност и политичка одговорност како основна и трајна демократска вредност во македонското општество.
Заложбата прво беше испратена до четворицата претседателски кандидати за престојните претседателски избори, а досега ја поддржаа кандидатот на ДПА Илјаз Халими, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски и кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски, додека пак од кандидатот на ВМРО-ДМПНЕ и тековниот претседател, Ѓорѓе Иванов се уште се чека одговор.
По почетокот на кампањата за престојните парламентари избори Заложбата беше испратена и до сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите, а досега е добиен позитивен одговор од Националната демократска преродба, Партијата за економски промени и Гражанска опција за Македонија (ГРОМ), информираат од Метаморфозис.
Тие ги повикуваат и сите граѓани кои сакаат да придонесат кон воспоставување подобра политичка култура во општеството како и зајакнување на инситуциите од системот да ја потпишат Заложбата за политичка одговорност која е поставена на веб страната www.vistinomer.mk.