Краткиот анимиран филм „Карантин“ во режија на Иван Андреевски е во официјалната селекција на Фестивалот за анимиран филм во Анеси, Франција. Станува збор за фестивал од А категорија, заедно со фестивали како што се Кан, Венеција, Берлин и Торонто.
Во конкуренција од повеќе од 3000 филмови, филмот е селектиран во програмата Перспективи.
Филмот, на кој освен Иван Андреевски, работеа и Михаил Наумов и Љубомир Саздовски, е во продукција на 3 Блок Студио и Флип Бук Продукција.
Преку традиционална техника на анимација, „Карантин“ прикажува справување со застојот на секојдневието.
„Од креативна страна пробавме да доловиме како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна пробавме да претставиме традиционална техника на анимирање, како „Stop Motion“, (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3D анимацијата. Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид на работа. Главно „Autodesk Maya“ и „Adobe After Effects“, како и неколку попратни софтвери“, објаснија од студиото во претходна изјава за Радио МОФ.
„Карантин“ ја имаше домашната премиера на Флипбук Филм Фестивал во Скопје во август 2020 и ја освои Специјалната награда на жирито, кое за филмот рече:
„Со интересна техника која ги меша естетиките на традиционалната стоп и современата 3Д компјутерска анимација, овој краток филм не води во еден за секого многу присутен амбиент, но, преку комична призма која барем за миг ни дозволува да се насмееме и малку да издишеме од нашето задушувачко секојдневие. Мајсторски сработена анимација од млади автори која укажува на тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас.“