Од Шуто Оризари денеска започна караванот за информирање и вакцинација против Ковид-19 кој во следните две недели ќе посети 14 локални заедници.
Министерството за здравство (МЗ) посочи дека караванот ќе патува за да им ги приближи информациите за вакцините и самите вакцини на граѓаните од избраните локални заедници.
„Сите заинтересирани граѓани може да се вакцинираат на 14-те локации од организираниот караван, а секој работен ден и во најблискиот Здравствен дом. Вакцините се побезбеден начин за развивање имунитет кон Ковид-19, отколку заразување со вирусот и докажано нудат посигурна заштита од природниот имунитет. Исто така, вакцинирањето е многу важно во контекст на олабавување на заштитните превентивни мерки – колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку ќе бидеме подобро заштитени како заедница“, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали при посетата во Шуто Оризари.
Освен на настаните организирани како дел од караванот, од Министерството истакнуваат дека граѓаните, исто така може да се вакцинираат во најблискиот Здравствен дом, секој работен ден од 8 до 14 часот. Вакциналниот пункт во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје пак, е отворен до 20 часот.
Министерството за здравство го почна караванот против Ковид-19 со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Распоредот на караванот за информирање и вакцинација против Ковид-19 е следен:
- 21 март, 11:00-15:00 – плоштадот во Шуто Оризари
- 22 март, 12:00-16:00 – плоштадот во Кратово
- 23 март, 12:00-16:00 – плоштадот во Радовиш
- 24 март, 12:00-16:00 – плоштадот во Струмица
- 25 март, 12:00-16:00 – пазарот во Ново Село (Струмица)
- 26 март, 11:00-15:00 – Скопје, ТЦ „Ист гејт“
- 27 март, 11:00-15:00 – плоштадот во Куманово
- 28 март, 12:00-16:00 – општина Липково, паркингот во село Матејче
- 29 март, 12-00:16-00 – поштата во Арачиново
- 30 март, 12:00-16:00 – општина Чучер Сандево, ОЈУ Партизански дом во село Сандево
- 31 март, 12:00-16:00 – Зелениково, основно училиште „Марко Цепенков“
- 1 април, 12:00-16:00 – општина Врапчиште, Центарот за култура во село Неготино
- 2 април, 11:00-15:00 – Кичево, Центарот за култура
- 3 април, 11:00-15:00 – Струга, новото шеталиште
Според последните информации на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно со 12 март, против Ковид-19 вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина. Комплетно вакцинирани, односно со две дози вакцина се 851.655 лица, додека со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.