Мислам дека зимската сезона ќе биде нашата главна сезона. Контрастот е голем. Можеш да седиш во тропски услови, а надвор е -40 степени. Надвор гледаш фигури од мраз, а истовремено пиеш вино во тропскиот предел, опкружен со разновидни пеперутки, вели Кари Кола, сопственик на градината „Ботаниа“ во Финска, каде изминативе неколку години посетители можат да уживаат во над 2.000 растенија и природно опкружување, следејќи културни настани и фестивали.
Кари Кола е визуелен уметник со над 2.000 проекти. Неговите светлосни дела се препознаени низ светот. Во последните 10 години има пропатувано низ 70-ина земји. Ја осветлуваше планината Конемара кај ирското езеро Лох Нафуи, Стоунхенџ за прославата на Денот на светското наследство на УНЕСКО, а го знаат и по „Светла Финска 100“, ансанбл од шест масивни уметнички дела изложени низ цела Финска за јубилејната година за финската независност.
Во Македонија е актуелен со светлосната инсталација „Магична градина“, поставена во скопскиот Градски парк во склоп на „Skopje light art district“. Токму за фестивалот во киното „Милениум“ се одржуваше конференцијата „КреАрт “, каде Кола зборуваше за „Ботаниа“, како ако оваа градина од финскиот град Јоенсу се развиваше од 1985 година кога била во сопственост на локален универзитет, а сега веќе е туристичка и културна атракција.
„’Ботаниа’ има историја. Најпрво изградена во универзитетот, на почетокот како истражувачки проект, но во првите седум години затворена за јавноста. Се отвори во 1992 годинa, во тоа време со 7.000-8.000 посетители (годишно), истовремено правеа разни активности, како да растеш повеќе видови растенија… Потоа во 2011 година унивезитетот ја напушти и скоро беше затворена. Направив медиумски настан и се создаде ‘востание’ поради затворањето. Па, наскоро пристигнаа волонтери да работат со градината. Направија непрофитна организација и ја чуваа пет години, до 2017, кога снемаа финансии, енергија, па ми се јавија мене. Следуваше мое истражување од шест месеци – за да дознаеме како да ја спасиме. Единствен начин за спас беше да ја купиме. Но, јас не сум милионер“, раскажува Кола.
Во 2018 е склучен договор со универзитетот и почнала макотрпна работа на локацијата, која била во ужасна состојба. Можело да се гледа низ дупки од ѕидовите. Насекаде мувла, растенијата скоро да биле умрени, а надворешниот дел полн со ѓубре.
„За три ипол години собравме над 1 милион килограми ѓубре! Имаше многу работа. Сега имаме култивирано над 2.000 видови растенија, тоа е ботаничка градина со пеперутки, внатрешен дел од 8.000 метри, а надворешниот простор е околу 3,5 хектари. Бидејќи се работи за тропска градина, моравме во внатрешноста да обезбедиме 24 Целзиусови степени, во услови кога надвор знае да биде -40. Што значи, се работи за скапо хоби“, низ смеа вели Кола.
За финансирањето, раскажува дека изоставувала поддршка од универзитетот, владата или градот. Се работело за ризичен влог, во локација со многу потенцијал. Но, со процесот за расчистување и култивирање – изградиле и внатрешен ресторан, па стартувале со настани. Ја нарекле „Градина на настани“. Така го промовирале местото.
„Значи, се базира на настани, базирани на одржливост. Нашите финансии се базираат на посетители. Почнавме да градиме нешто во мали размери, а посетителите се зголемија за 600 проценти. Така што, чекор по чекор – стигнавме до тука. Меѓувремено, корона-кризата не ни помогна многу“, вели тој.
Напредокот со растенијата и оплеменување на просторот го објаснува и преку т.н. градина-кујна. Во кујната прават сопствени зачини, од сопствени одгледувани билки. Гордо раскажува и за сензорната градина, наменета за сите сетила.
„На пример, ако сте слепи, има точки за допир на посебни површини. Исто така, внатре има езера. Градиме и амфитеатар, исто така и водопади. Тие ќе бидат високи 15 метри, со проток од 1 милион литри на час. Правиме и градина со цвеќиња, за која изнајмив екстра земјиште, па сега (надвор) имам 5 хектари. Моментално работиме на локацијата, преместуваме ограда, ќе продолжиме откако ќе се вратам од Скопје во Финска. Меѓувреме ги одгледуваме пеперутките, процес базиран на четири сезони. Имаме и локација со сауна – за настани во сауна. Пример, 12 мобилни сауни, различни видови сауни, така што, луѓето можат да дојдат низ градините од една во друга сауна“, раскажува тој.
Зборувајќи пак за зимската градина, потенцира дека е предизвик со температурата да се одржуваат скулптури од мраз, a предизвик било и глобалното затоплување. Тој и тимот се ангажирале да обезбедат простори за лизгање за мраз, снежни „ридови“ за деца, топови со снег што продуцираат 1 милион килограми снег на ден…
Во однос на Сонцето, тоа во регионот зимоска заоѓа во 14:30 часот, а изгрева во 11 наутро, така што имаат над три часа светлина во најголемите денови.
Ваквите условите, вели тој, се идеални за некои проекти, особено поврзани со светлосни ефекти.
„Се организира фестивал за визуелна уметност. Тоа е меѓународен фестивал за светлина, во основа не се само светла, туку изведувачки уметности. Уметници со оган, сликари… Финансирањето на фестивалот се базира на билети. Тоа е единствениот визуелен уметнички фестивал во Финска со билети, другите се градски настани“, вели Кола.
Целта на проектот е во следните седум години да биде број еден туристичка атракција во источниот дел на Финска. И во следните 12 години – во топ 5 во цела Финска.
„Јас сум прoaктивен. Вложувам енергија, но е и забавно. Живеам на 100 метра од градината, па практично секој ден сум таму. Наредниот визуелен настан е во ноември, па потоа ќе затвориме за еден месец, за да работиме на зимската градина“, вели Кола.
Уметникот и сопственик на „Ботаниа“ втор пат е во Скопје. Сега е тука да ја претстави „Магичната градина“, која во вториот дел од Градскиот парк во Скопје нуди амбиентално светлосно и аудио искуство, создавајќи надреален свет каде луѓето можат да влезат во областа.
Бавното темпо и силните контрасти со нормалната состојба на областа е главниот фокус на проектот. Идејата е да се даде време и мир за публиката да се смири и да ужива во природниот простор што го менува светлината.
„Градините можат да оживеат преку уметноста“, констатира Кари Кола.
Бојан Шашевски
Фото: www.botania.fi