Со почеток во 20 часот, вечерва во Музејот на град Скопје ќе биде отворена постхумна изложба на карикатури од целото творештво на Делчо Михајлов.
„Дејноста на Михајлов во полето на карикатурата е една затворена и заокружена целина. Таа е израз на еден доблестен напор за прифаќање, освојување и присвојување на модерноста на нашето општество. Неговото творештво, како и дејствувањето на целата генерација карикатуристи кои почнуваат во шеесеттите години, е дел и израз на колективниот напор за опстојување и припаѓање на оваа насока. Она што е само нивно или она што е само негово е квалитетот, односно успешноста на чекорењето по таа патека која нудела толку многу надеж и остварувала неочекувани вредносни резултати“, велат од Музејот на град Скопје.
Делчо Михајлов (1947) е еден од водечките македонски карикатуристи и аниматори.Својата прва карикатура ја објавил на 14-годишна возраст, а од 1970 година редовно учествувал на конкурси, изложби и фестивали низ целиот свет, каде што е добитник на многубројни награди. Автор е и на повеќе книги со карикатури. Учествувал на околу 220 групни изложби и околу десетина самостојни изложби. Почина во 2010 година.