КАРИЛ ќе се реновира, дел од пациентите ќе се упатуваат во други здравствени установи

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посети Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и оствари средба со директорката Марија Срцева Јовановски по повод подготвителните активности, кои се во завршна фаза за отпочнување на темелна реконструкција на просториите на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), која се реализира за првпат.

Заради внимателно и безбедно пристапување кон реконструкција на КАРИЛ, од ресорното министерство соопштија дека установата во наредниот период ќе функционира со намален капацитет, за што биле известени сите јавни здравствени установи во државата.

„Дел од пациентите ќе преземат ГОБ ‘8 Септември’, Хируршката клиника ‘Св. Наум Охридски’ и Клиниката за неврохирургија, согласно изготвениот интерклинички план, во соработка со Министерството за здравство. Согласно планот, овие јавни здравствени установи ќе преземат точно утврден број пациенти, со заеднички договор со јавните здравствени установи“, соопштија од Министерството за здравство.

Оттаму велат дека капитална инвестиција е од национален интерес и првпат од основањето на клинички центар се пристапува кон темелна реконструкција на КАРИЛ.