По повод 15-тото јубилејно издание на „Егзит“, покрај ексклузивните концептуални вечери, специјалните „бек ту бек“ битки на најголемите светски диџеи се враќаат на една од најатрактивните електронски бини на светот.
Во петок, 11јули, на Денс арената на Петроварадинската тврдина во Нови Сад ќе се одржи прочуената „Carl Cox vs Friends“ клупска вечер која до сега беше претставена на најголемите светски фестивали.
Овој музички концепт се состои од одбрани претставници на новите бранови на електронската музика како Дени Тенаглија, Бен Клок и Марсел Детман, „Ит евритинг вс. Кеси“, „Планетари асаулт системс“ и секако британскиот диџеј Карл Кокс кој се враќа на Петроварадинската тврдина повторно да ја оправда титулата на еден од најдобрите светски диџеи. Многумина се уште добро го паметат неговиот легендарен „бек ту бек“ настап со „Грин Велвет“ во 2009 година кога настапи во маичка со натпис „Dance Arena Saved My Life“.
„Едвај чекам да се вратам на Денс Арената и сето ова да го повторам. Беше навистина неверојатно!“, изјавил неодамнаКарл Кокс по повод овој славен настап.
Тој зад себе ги има култните резидент вечери на Ибица кои траат веќе 13 години, два сета за дочекот на новиот милениум и тоа во две временски зони, како и настап пред 1. 500. 000 луѓе на „Лав Парејд“ во Берлин, сето време ширејќи ја својата вонвременска љубов кон музиката и животот. Годинава ја носи и поворката од своите музички пријатели, за со журката која трае до раните утрински часови и со посетителите на „Егзит“ фестивалот, да го прослават летото, музиката и изгрејсонцето.