Составот „Карла Левински“ на 25 јануари (сабота) од 20:30 часот ќе настапува во кумановскиот бар „Агора“.
Според организаторите, позади провокативниот алијас „Карла Левински“ стојат двајца искусни играчи, би рекле, прави гитарски херои од западната страна на скопската музичка географија: Сеад Хаџиќ – Сецко и Огнен Мангаровски – Оки.
„По повеќе од 30 години активно присуство на сцена, и со дваесетина албуми под нивните појаси, премалку е да се каже дека ни е драго што се денес дел од приказната на ’Шарла’. Сецко и Оки се нешто како Бетмен и Робин, или ако сме актуелни – како Дончиќ и Ирвинг во клишеизираните приказни за двајца што можат против сите. Разликата е што овие двајца можат ЗА сите, или поточно, за оние што ја сакаат музиката како средство за ’кревање глас’ контра управувачките елити, јасно и многу гласно“, стои во најавата.
Организаторот вели дека „Карла Левински“ е процес, идеолошки и естетски инспириран од авангардата на 20 век – од ситуационизмот и летеризмот, преку анархизмот на Прудон, Кропоткин и Бакуњин, индивидуализмот на Макс Штирнер, па се до југословенскиот црн бран и секако, панкот во сите пројавни форми и значења.
„Но, повеќе од само уметничка прошетка низ современата историјата на социјалниот отпор, ’Карла Левински’ е глас на оптимизам и надеж отаде опортунизмот, цинизмот и малодушноста како општа манифестација на немоќ во односот кон доминацијата и експлоатацијата на капиталот и во овој век. И после дваесет години од сега веќе легендарната ,’Го мразам капитализмот’, Сецко е повторно меѓу нас критички да го измери светот според сопствените идеали за слобода, правда и рамноправност. Директно, без калкулации и со многу љубов“, се вели во најавата.
Инаку, „Карла Левински“ ќе потсети повторно на својот истоимен деби албум објавен за „Шарла“, кој можеби за последен пат ќе го засвири во Куманово пред повторно да влезе во студио.
На албумот свират Сеад Хаџиќ – Сецко, Огнен Мангаровски – Оки, Андреј Коларовски, Ратко Даутовски, Андреј Анастасов – Еди и Горан Трајковски.