Карпош најави садење на 300 нови дрвја, жителите се сомневаат во намерата

Жителите на Карпош се сомневаат дека најавата на општината за садење на 300 нови дрвја е само параван зад кој се крие обид за спроведување на контроверзниот нов Детален урбанистички план.

Во гласникот, кој бесплатно го добиваат жителите на општината, стои дека Карпош 4 ќе добие 300 нови садници, по предлог на претседателот на Советот, Сашо Лазаревски. Предлогот бил прифатен од советниците, но ќе поднесат и барање до Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ за проверка на постојната состојба на дрвјата, односно селекција на стари, болни и дотраени дрвја, кои ќе биле заменети со нови.

„Советот тврди дека ниту една педа од зеленилото нема да биде одземена, напротив, ќе се обновува и ќе се надградува, а паркинзи нема да има“, се вели во гласникот на општина Карпош.

Меѓудругото, најавено е дека до октомври ќе се изработи планот за реализација на одлуката за засадување нови садници во урбаната заедница Карпош 4.

Меѓутоа, оваа вест предизвика сомнеж меѓу жителите на општината. Тие го поздравуваат овој потег, но се плашат дека има скриена намера во предвидената сеча на оние дрвја кои ќе бидат обележани како премногу стари и заболени од страна на стручните служби.

„Ние, како засегнати жители се сомневаме дека најмногу болни и стари дрвја ќе бидат пронајдени точно онаму каде што е предвидена градба на нови станбени објекти. Поради тоа, ги замолувам сите кои што можат да ни помогнат во оваа операција или барем да ни посочат личности остручени во бараната област“, се вели во еден од постови на Фејсбук групата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош 4“.

Граѓаните во неколку наврати реагираа против „бетонизацијата“ и за спас на земенилото во општина, борба која минатиот месец ја започнаа жителите на Карпош 4. Тие побараа стопирање на најавените измени на Деталниот урбанистички план, со кој на дел од зеленилото се предвидува изградна на паркинзи, станбени згради и деловни простори. Подршка за нивното барање стигна и критики за урбаното планирање стигнаа и од жителите на Карпош 1, 2, 3, Тафталиџе и останатите населби во општината.

Освен на социјалните мрежи, граѓаните одржуваа секојдневни координативни состаноци пред училиштето „Петар Поп Арсов“, каде се планираа следните акции. Барањето за граѓанска иницијатива беше одобрено, а се собраа и неопходните 120 потписи кои беа предадени на Општина Карпош за да продолжи следната фаза.

„Градоначалникот е должен по закон да свика граѓански собир во рок од 30 дена. Рокот истекува на 24.09.2015. Ние чекаме и не се откажуваме. Продолжуваме со останатите акции!“, велат жителите на општината.