Откако низ последнава недела голем број граѓани од Карпош алармираа за се поголемото загадување, Општина сега информира дека викендот биле организирани т.н. ноќни „еко“ патроли, со цел превенција од можни палења на отпад и загадување на амбиенталниот воздух.
При патролата не се забележани никакви потпалувачи. Опфатени биле најкритичните места во Карпош, каде што, велат општинарите, искуствено имало индиции за намерно палење или самозапалување на секундарен отпад.
„Овластениот инспектор за животна средина и комуналните редари од локалната самоуправа заедно со полицајци од ПС „Карпош“ го контролираа потегот од месната заедница „Злокуќани“, населбата Криви Дол, Момин Поток, новопроектираната улица ( кај автомеханичарските работилници), кај отпадите се до населеното место Бардовци. Во тридневните патроли во доцните ноќни часови на критичните места, не беа забележани никакви палења на отпад и други секундарни метерии, кои би биле потенцијални загадувачи на воздухот. Општина Карпош и понатаму постојано ќе ја следи состојбата со воздухот на својата териториј“, соопштуваат од Карпош.
Известувањето за патролата доаѓа откако викендот се одржа симболичен протест пред затворена општинска капија. Целта беше локалните граѓани да одат чекор напред, да се самоорганизираат и да се сврти вниманието за загадувањето за кое велат достигнува алармантни размери. Истовремено, иницијативата уверуваше за безуспешен обид за поголема ангажираност на надлежните, од каде добиле автоматизирани сувопарни одговори и безмалку никаква реакција на терен.
„Затоа, дел од нашите сограѓани излегуваат самоиницијативно на терен во зоните на ризик (Момин поток, Мостот Газела, Криви дол, Кејот на Вардар) и самите идентификуваат кој загадува, а во најголем број на случаи тоа се запалени диви депони, диви работилници, семејства на бездомници кои горат пластичнии материјали и хемикалии. Деталите ги пријавуваат во општината и до надлежните инспекции. За жал повторно без одговор. Покрај тоа што Општината дозволи да се изградат бројни нови станбени објекти (поголемиот број висококатници) и ги затвори каналите за природен проток на воздух деновиве сме сведоци дека експанзијата е насочена и кон кејот на Вардар долж Булевар Илинденска“, рекоа Анте Попоски и Невена Георгиевска од иницијативата.
Дополнително, велат тие, Општината при ваква енормна градежна експанзија успева да ги потроши тие и парите кои граѓаните ги издвојуваат за даноци секоја година, па дополнително и се задолжува, а тие како жители не само што немаат подобрени услови за живот, туку тврдат дека се екстремно влошени.
Граѓаните остануваат будни и најавија мирни протести и поголема ангажираност на терен.
Б.Ш.