Касетата – „носачот на информации“ со чија помош генерации луѓе ги откриваа музиката, компјутерите и видеоигрите, годинава полни 50 години. Пред половина век, инженерите на Philips го создале малиот формат на аудио-касета, која ги заменила гломазните магнетофони.
„Наеднаш ја имате оваа мала форма, која луѓето само ја ставаат во плеерот и автоматски се постигнува она што претходно бараше многу напор. Касетата беше предвесник на многу технолошки иновации кои ги имаме денеска“, вели Dale Wiggins, шеф на одделот за истражување на Philips во САД.
Касетата за првпат била претставена на саем во Берлин, на 30 август 1963, но Philips за нејзин „роденден“ го смета 13 септември, кога било официјалното претставување во централата на компанијата во Амстердам.
Во децениите кои следеа, касетата имаше свои подеми и падови – од општата популарност во 80-те и бумот на домашните касетофони, вокмените и популарните „микстејпови“, до поразот во ерата на дигиталната музика и радио-стримингот. Во последните години, хипстерите и метал-бендовите и се враќаат на касетата, со што таа повторно заживува.
Според Wiggins, уште една добра страна на касетите е тоа што имаат широка употреба
„Касетата е неверојатно сестрана. Можете да снимате музика од радио, да играте видеоигри, да споделувате музика со пријателите или да снимате миксови за вашите сакани“, вели тој.
Сепак, најголемата предност на касетите е можноста за брзо копирање и лесната репродукција. Поради тоа што лесно и евтино се размножува, касетата и денеска е чест формат за многу блискоисточни, индиски и азиски издавачи на фолк музика.
Извор: CNN