-Кате, какви се овие „Глупости“?
Катерина Димитровска е збунета и расклештена од прашањево. Вклучив снимач на телефон и стоиме покрај влез, до паркирани точаци, десно од кафе-филм „Котур“.
Ова е делот спроти Форум, каде своевремено висевме со рандом фаци во ноќта, свртувалиштето каде ќе дојдеш и најдеш некој да си поседиш. Да „утепаш“ време, да свртиш муабет, пиеш тролитарка, да избегаш од машинеријата што те „јаде“ кога не си тука. Да најдеш смисла. И Димитровска седеше тука.
Сега, дојдени сме пак, овој пат на промоција на нејзината книга „Глупости“. Во „Котур“ има разни луѓе што ја запознале преку уметничкиот полет, музиката на „Перија“, или животарењето низ Скопје. Сеедно. Се смеат во позадина. Убаво им е. Пандемијата попушти, па, некои не знаат што да прават со себе. Ослободени, (о)пуштени и детски возбудени. Во друштво со себе и другарите. Плус на промоција на дебитното хартиенo издание на Димитровска.
Се’ се спои како што треба.
Димитровска е повторно збунка што ја препрашувам за книгата, бидејќи буквално ја одвлеков од бандата за да поразговараме, ама е радосна. Не го крие тоа.
„’Глупости’ е се’ што ми искача рано сабајле, најверојатно од главата и срцето. Малку сум во конфузија, бидејќи ова ми е прво издание. Мислам дека се’ уште не сфаќам што се дешава. И утре, онака ќе ми ‘долета’. Се осеќам весела што уствари сите луѓе што ги сакам се тука! Тоа ме прави среќна!“, одговара набрзинка.
Ова е издание на „АШ“, испечатено во „Контура“. Намерно или не, има 123 примероци. Намерно или не, текстовите внатре немаат наслови.
Уредник е Александар Сандревски – Марсо, а рецензент – Давид Ангелевски, кој токму тука, во „Котур“, изминатиов октомври ја промовираше својата „Деца во длабоко“. Дефинитивно не случајно е избран за предговорот. И тој е неизоставен дел од независната сцена, истовремено пријател со Димитровска во музичко-издавачка смисла.
За „Глупости“ вели дека е „шашава психо-сликовница, интроспективно фрик шоу што лесно ја вшмукува реалноста, ја натопува со цревни сокови, киселина и бесмисла и ни ја враќа како повраќаниците на дебелиот господин во Монти Пајтон“.
„Обилно и во лице. Љубовно писмо до празнината? Можеби. Но, фантазмагорична како сликите на Дали и делумно морничава како мрачните визии на Линч. Ментална анархија, игрива и забегана, нихилистички презрива, без обзири кон хигиена или смисла, еротизирана до болка и смрдеа кои перверзно те вовлекуваат во нејзиниот чудесен имагинариум. Страна по страна. Сепак, ова може да е и тивко, топло и спокојно патување низ интимните делови на едно себство ослободено од драмата на модерниот субјект опседнат со светската болка како нужна актуелност“, пишува Ангелевски за „Глупости“.
Книгата содржи текстови што Димитровска претходно ги објавуваше и на Фејсбук, илустрирани со фотографии од нејзините бројни излети, во и вон себе. Физички и психолошки патувања со луциден авторски номадски белег.
Димитровска тешко да биде вовлечена, врамувана во дефинирање на своето книжевно дело. Дали се тоа раскази, или било какви пишуванки?
„Од се’ по нешто. Реално, пишувам и раскази, во моментов пишувам и една книга, а ‘Глупости’ се збирка на кратки безумни есеи за тоа како се осеќам во некои ситуации“, е одговорот на авторката.
Пишувањето си го направила како ритуал, насабајле со кафе. Пишува цело време, некогаш помалку, некогаш повеќе, ама во пандемијава зачестила.
„Апсурдот секогаш ме лечи кога сум во голема ‘шит’ ситуација, или гледам проблеми во моментот. Апсурдот е тука, за просто да ми каже ‘се’ е ОК’. На крај, сите ќе бидеме храна за црви, на пример. Пишувам тоа што ме допира. Дури понекогаш се гледам себеси како влегувам во некои ситуации само за да имам што да напишам. Пишувам и тоа што сум осеќала во минатото. Имам многу фотографии сликано на патувања низ светот. Тоа е поврзано – фотографиите и пишувањето“, потенцира Димитровска.
Свртуваме со муабетот малку и за нејзиниот музички живот. Бидејќи тоа го прави паралелно.
По минатогодишниот „Кокало“, Димитровска заедно со њу ејџ номадките „Перија“ годинава објавија уште еден албум „Фалан Филан“ (Fallan Filan), повторно за независниот издавач „Шарла“. Музичката позадина на „Перија“ е во балканските традиции под влијание на Ориентот. Но, колективот носи и стилизиран израз што се преплетува и реобмислува при џем-свирките, со мисија да раскажува разни приказни за заедницата, секогаш во сродство со духовното над материјалното.
„Свириме, имаме покани за настани, фестивали ова лето. И во моментов сме на правење нов албум, каде малку ќе ја смениме тематиката. Односно, досега ако биле народни песни, препеани и преработени од нас, сега ќе бидат поеми од 20 и 21 век кои ја отсликуваат социјалната слика на Балканот“, вели таа.
На прашањето, дали албумот е поврзан со заедница, со уличен живот, патувања… таа вели:
„Социјални тематики како, не знам, пример ЛГБТИ тематики, анархија, проституција, социјални моменти, итн… Имаме веќе собрано некои поеми, ќе собираме уште, од познати автори од целиот Балкан. Најверојатно албумот ќе го направиме пола да биде акустичен, пола да преминеме во гитара, бубњеви, бас… Сакаме да го задржиме она – да пееме на сите јазици. Како некоја порака. Тоа е нашата идеја“, потенцира Димитровска.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
Во продолжение, прочитајте дел од текстовите во „Глупости“:
Бојан Шашевски