Креативното решение на Катерина Николовска за илустрација на едицијата „Бајки од Македонија“ победи на отворениот конкурс за избор на млади дизајнери-илустратори што го организираше Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.
Николовска во следниот период целосно ќе ги дизајнира четирите бајки „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и 12-те месеци“. Финалното печатено издание на едицијата „Бајки од Македонија“ во мај 2016 година ќе биде издадено од страна на издавачката куќа „Арс Ламина“, која е партнер во проектот.
„Навистина ми претставува огромно задоволство што во толку голема конкуренција победија токму моите илустрации. Наградата претставува вистинска мотивација, но најголема мотивација и радост за мене е можноста да работам на целосна илустрација на бајките. Средствата од наградата ќе ги искористам за дополнително професионално усовршување, особено во 3Д-дизајнот, кој станува особено атрактивен сегмент во креативниот сектор“, истакна авторката на победничкото решение, Николовска.
Покрај Николовска, професионален ангажман за илустрација на книги им биде понуден и на Оливер Коларовски и авторскиот тим на Милош Ѓуровски. Тие ќе бидат ангажирани на посебни проекти на издавачката куќа „Арс Ламина“.
На отворениот конкурс се пријавија 38 дизајнери-илустратори, кои понудија различни стилски решенија. Паричната награда за победничкото решение на конкурсот изнесуваше 200.000 денари.
„Бајки од Македонија“ е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“. Минатата година успешно беше реализиран првиот проект „Слатко со идентитет“.