Според доказите со кои располагаме сметаме дека самиот избор на претседател, Уставни судии и на пратеници е доведен во прашање, изјави денеска специјалната обвинителка, Катица Јанева одговарајќи на новинарско прашање за неодамнешната одлука на Уставниот суд, според која претседателот може да помилува осудени за изборен криминал.
„Се работи за осомничени лица за нерегуларности, за изборни нерегуларности на изборите во 2011,2012,2013 година. Би сакала да го дадам и своето мислење и мислам дека го делат и моите колеги од тимот, со самите истраги за овие лица кои се на високи функции во Македонија и со доказите кои располагаме кои во 80% го докажуваат обвинението со кое имаме намера во иднина да настапиме, сметаме дека самиот избор и на претседател и на Уставни судии и на пратеници е доведено во прашање, и тоа е мојот одговор за уставниот суд. Мислам дека сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат Специјалното јавно обвинителство во нивните истраги за да ја утврдиме вистината“, рече Јанева.
„Ефективната борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем“ е темата на конференцијата која ја организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка, каде освен Јанева говореа и Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител на Националниот директорат за антикорупција во Романија, како и јавниот обвинител Марко Зврлески.
Зврлески и Јанева имаа дуел околу случајот Маѓар Телеком, за кој Јанева го праша зошто како предмет го доставил во Советот на јавни обвинители, кога тие го барале предметот, како и уште неколку други предмети, но немаат соработка од обвинителството и судовите.
„Маѓар Телеком е предмет кој е отворен во 2008 година по допрен глас. Потоа од Министерството за внатрешни е отворена истрага, истрагата е поведена во тоа јавно обвинителство и веднаш е остварена соработка со американскиот обвинител и службите кои го следат американскиот обвинител, ФБИ и Комисијата за хартии од вредност и до 2011 се води постапка за тој предмет. Во 2011 имаме актуелно обвинение за тој предмет, за се она што е прибрано доказ, поднесено е обвинение. Обвинението е на сила, дејствијата кои се опфатени во тој предмет и како настан кој е испитуван, не може брзо да застари затоа што имаме и прекин на застареност“, рече Зврлески.
Познатата романска обвинителка Лаура Кодрута-Ковеси, која само минатата година поднела 1.250 обвиненија за случаи поврзани со корупција против високи државни функционери во Романија, говореше за политиката, механизмите и институциите, како и клучните актери и достигнувањата во борбата против корупцијата на високо ниво во Романија.
Повеќе за прес конференцијата на обвинителите во видеото на А1он: