Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата

Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата, за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (духовна поезија).

Ќулавкова по вторпат го добива ова највисоко признание на фестивалот, откако во 1989 година ја доби наградата за стихозбирката „Жедби“.

Жири комисијата составена од Ефтин Клетников, Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски, откако ги прочитала сите 53 пристигнати книги направила заедничка селекција и во потесен круг од пет книги, покрај победничката, влегоа и збирките „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски, „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска и „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков.

„Својот однос спрема духовната поезија Ќулавкова го манифестира во некои свои песни уште од нејзината прва поетска книга ‘Благовести’, но и во низа други нејзини стихозбирки. Но, овде, во ‘Небото ми е дома’, станува збор за свесно моделирана концептуална поетичка надградба, за ‘гледање со душата’, која е во дослух со оној вид поетски говор којшто има ‘изразен осет за сакралниот ерос’ и копнеж, за возљубеност, карактеристична само за човечкото битие“, вели жири комисијата за својата одлука.

Инаку, Струшките вечери на поезијата годинава ќе се одржат од 22 до 26 август.