Казна од 1.800 евра за бетонираните дрвја на кеј, изведувачот тврди дека згрешил еден од работниците

Фирмата „СпектарТермо“ која е изведувач на реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ во Скопје вчера доби два прекршочни налози од Град Скопје, откако на 2 јули беа забетонирани неколку дрвја долж кејот кои по силните реакции на јавноста ноќта беа ослободени од градските служби.

За Радио МОФ од Град Скопје потврдија дека фирмата добила 1.500 евра казна, додека одговорното лице добило казна од 300 евра.

Од „СпектарТермо“ вината ја лоцираа во грешка на еден од нивните работници, односно, како што кажаа, „недоволно расудување во моментот кога е работено на ивичњаците“.

„Не станува збор за бетонирање, туку минимално замачкување на површината со остатокот од бетонот кој се користи за фундаментите за жардиниерите на дрвата. Реакцијата беше навремена и нема да има никаква штета“, изјавија од „СпектарТермо“ за Радио МОФ.

Деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Кирил Сотировски за Радио МОФ вели дека отстранувањето на „пренамножените“ летни тераси од кејот е за поздравување, посочувајќи дека јавниот простор повторно се враќа на граѓаните и посетителите.

Но, тој објаснува дека инфраструктурното решавање на просторот околу веќе возрасните платани (вид дрвја), и многу повозрасни липи долж кејот, од хортикултурен аспект можело да биде многу покреативно, додавајќи дека од аспект на здравје на растенијата е несоодветно.

„Накратко кажано, на толку многу ослободена површина за движење, нема никаква логика рамките со слободна почва околу големите дрвја да бидат со површина од само околу 1 квадратен метар“, вели Сотировски.

Проектантите, како што вели тој, инсистирале на постигнување формална линија помеѓу рамките долж шеталиштето, истовременоне водејќи сметка дека некои од дрвјата се на сантиметри од околните плочки.

„Кај неколку платани, поголемите основни корења веќе излегуваат од рамките во кои се сместени. Патем, и поголемата височина на самите рамки во однос на околните плочки, додатно ќе спречат водата да се влева во почвата непосредно околу стеблата, а тоа ќе биде додатен проблем со текот на времето. Напомнувам дека платаните живеат многу стотини години (сетете се на чинарот во Охрид), и за очекување е дека некои од дрвјата веќе после само неколку години раст, со стеблата веќе ќе допираат до плочките од рамките. На кејот има сосема доволно простор за многу поголеми рамки околу стеблата, а на места можело да остане отворена почва помеѓу две и повеќе стебла, па дури да се засади и соодветна ниска вегетација“, објаснува Сотировски.

Тој истовремено советува одговорните да најдат одржлив модус за интензивно полевање на дрвјата на целата површина, и да не се потпираат на системот „капка по капка“, доколку воопшто е предвидено, бидејќи, како што посочува тоа нема да биде доволно.

„Активните корени на стеблата, оние кои им служат за црпење вода и минерални материи од почвата, се разгранети многу подалеку од стеблото, кај односните стебла и по 4-5 метри во моментов. Доколку нема поголем обем на полевање низ летните месеци, растенијата пополека ќе ‘згаснуваат’. Заради хроничен недостаток на вода, за очекување е дека полесно ќе бидат нападнати од патогени габички и од штетни инсекти, и сето тоа додатно ќе ги заслабнува низ годините“, вели Сотировски.

Инаку ваквата постапка следува откако Град Скопје посочи дека бетонирањето било грешка на изведувачот и најави дека градскиот инспекторат направил записник според кој изведувачот најавија дека ќе биде казнет.

На почетокот на реконструкцијата, од градот најавија дека таму ќе се уреди површина од 12.500 квадратни метри, која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. Проектот, како што посочи градоначалникот на Град Скопје е во вредност од 88.6 милиони денари (околу 1.44 милиони евра), средства обезбедени од буџетот на градот.

М.К.