Собранието денеска го усвои Законот за студентски стандард со кој се предвидуваат казни од 7.500 до 15.000 евра за директорите кои ќе прават или дозволат малверзации при сместувањето на студентите во студентските домови, јавува Плусинфо. Законот го обврзува секој директор на студентски дом да назначи и по две лица кои ќе бидат задолжени за сместувањето на студентите. Опозицијата ваквиот закон го нарече лицемерен, па предложи да му се смени името во „Закон за студентска сиромаштија“. Пратениците од СДСМ остро го критикуваа законското решение и според нив казните за студенстките сместувања немало да сменат ништо, бидејќи според пратеничката на СДСМ, Биљана Казанџиска, владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ уште во мај ги заклучила списоците за подобните студенти, а наредбите за тоа не ги носеле директорите на домовите, туку доаѓале од друго место.
– Претседателот на студентската организација е претседател на УМСМ во Штип, а во законот пишува дека во студентските домови не треба да се организираат партиски, политички и верски собири. Е како да не се организираат кога листата за сместување на студенти се прави во партискиот штаб и тоа по заслуга кој колку гласови донел на изборите, дали му гласала фамилијата… Џабе родителите кои не ги интересира политика даваат пари за документи кога нивните деца не покажале колку гласови донеле за избори. Праксата покажува нешто спротивно на законот кој го нудите – рече Казанџиска од СДСМ.
Заменик министерот за образование Сафет Незири истакна дека токму казните ќе стават ред во сместувањето во студентските домови.
– Казните се во таа насока да се воспостави ред во студентските домови за да нема злоупотреба. Секој граѓанин кој ги исполнува условите ќе биде примен. Ние имаме формирано мешана комисија во Министерството која ги разгледува сите барања за сместување едно по едно. Сите граѓани кои биле скептични може да бидат уверени дека тој епилог со малверзации е завршен. Секој што мисли да интервенира во сместувањето ќе сноси одговорност – истакна заменик миснитерот.
Тема на дискусија во собраниската сала беше и состојбата во студентските домови. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ромео Тренов рече дека во времето на СДСМ немало никакви инвестиции за подобрување на студентскиот стандард.
– Прашувате кое дело да го изберат студентите, па факултетот да го изберат. Во ваше време немаше факултети (мислејќи на дисперзираните студии надвор од Скопје). Во 1999 година ние ги реновиравме бараките во студентскиот дом „Стив Наумов“ и првата и втора машка зграда. Вие кога дојдовте на власт во 2002 година сместувањето и продуктите кои се купуваат со бонови ги качивте за 100 отсто. Условите во студентскиот „Стив Наумов“ сега се подобрени, направени се нови бањи, проширени се собите. Што направивте вие ништо – рече Тренов од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата ѝ замери на власта дека условите во најголемиот студенстки дом „Гоце Делчев“ се нечовечки, многу често паѓат лифтови, а неодамна една од зградите се запали. Празно ветување како што рекоа пратениците на СДСМ бил и најавениот студентски дом во Штип, кој власта веќе 7 години го најавувала, но сè уште не бил направен.
Извор: Плусинфо