Министерството за транспорт и врски на својата интернет страница, креираше јавна анкета и ги повика граѓаните преку електронско гласање да учествуваат во изборот на најдоброто идејно архитектонско урбанистичко решение за уредување на плажа од 500 метри на Охридското езеро, општина Дебарца.
Станува збор за пет идејни решенија за уредување на една плажа со должина од 500 метри, на дел од Охридското езеро која се наоѓа во непосредна близина на Аеродромот „Св. Апостол Павле-Охрид” на територија на општина Дебарца. Гласањето како и идејните решенија може да се погледнат на следниот линк.
Целта на проектот е да се овозможи користење на водената површина како и можност за рекреација на предметната локација со што ќе се овозможи континурано користење на истата преку текот на целата година, соопштуваат од министерството.
Според најавите, планирана е песочна површина како и почитување на постојното зеленило, како и дооформување со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување на клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.
Изградба на сервисен пункт кој ќе се состои од шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви (согласно правилникот за минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност), соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити.
Предвиден е простор за чадори за сонце и лежалки, на капалиштето да биде обележан просторот за капење во езерото со бови, заради заштита на капачите од пловни објекти, како и предвидено место за службата за спасување.
Според министерството, откако ќе се изберат идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за нивно уредување согласно изработените основни проекти.
По завршување на електронската анкета, Министерството за транспорт и врски ќе донесе Решение за доделување на награда и откуп на доставените идејни решенија.