Детските музеи се американско откритие кое добива се поголема популарност надвор од САД . За две години и во Софија ќе биде изграден таков музеј , пишува „Њујорк тајмс“. Според изданието Фондацијата „Америка за Бугарија” ќе инвестира 15 милиони долари во иновативниот проект „Музеико“.
Зградата, која ќе биде реновирана за целите на музејот, се наоѓа во Студентскиот град и во моментов е универзитетска лабораторија. Американското издание обрнува внимание главно на архитектонските карактеристики на проектот. Според „Њујорк тајмс“, ангажирано е њујоршкото архитектонско студио Lee H. Skolnick Architecture + Design Partnership, а целиот музеј ќе биде организиран околу идејата за движење низ времето и просторот .
Во средината ќе има „стебло“ изработено од стакло, пластика и челик , што ќе минува низ трите ката на зградата. Долниот кат, кој е под земја , и каде што се корените на дрвото, ќе биде засолништа експонатите од минатото. На приземјето ќе биде претставена сегашноста преку табли со информации за животната средина , архитектурата и градовите.
Горниот кат пак ќе биде посветен на иднината и ќе содржи интерактивни изложби за најновите технологии и за патувањето во вселената.
Однадвор зградата ќе биде речиси целосно изработена во стакло, во комбинација со шарени скулптурални форми, кои се вклопуваат во планинскиот релјеф околу Софија.
„Сакаме ова да е нешто ново, нешто интересно што ќе им го претставиме на семејствата“, вели архитектот Skolnick.
Според него, многу од зградите во Бугарија се затворени и затоа се обидел да остави впечаток на отвореност и транспарентност – како физички, така и метафорично.
Од 2010 година Фондацијата „Америка за Бугарија“ финансирала неколку помали проекти за детски катчиња во постоечките бугарски музеи , кои предизвикуваат голем интерес и привлекуваат многу посетители.
Во Регионалниот историски музеј во Ќустендил такво игралиште е изградено во почетокот на 2013 година. Како резултат на големиот интерес за овие мали проекти од „Америка за Бугарија ” решаваат да се вклучат во „Музеико“.
Ако се тече по планот, проектот „Музеико” треба да биде официјално претставен во првата половина на ноември, пишува „Њујорк тајмс“.