Ќе се отвори прв семеен центар во Скопје

Ќе се отвори прв семеен центар во СкопјеСкопје во септември ќе го добие својот прв семеен центар кој треба да ја зголеми јавната, политичка и финансиска заложба на Градот Скопје, во справувањето со семејното насилство на локално ниво, преку подобрување на сопствените надлежностите во децентрализацијата на социјалните сервиси.

Центарот е дел од проектот кој го имплементира Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А., а негови целни групи се семејствата во ризик од семејно насилство, жртвите на семејно насилство (мажи, жени и деца) но и сторителите на семејно насилство.

Мила Царовска, програмски координатор во ХЕРА за Радио МОФ вели дека Центарот ќе понуди нова концепција, за надминување на проблемот со семејното насилство во Македонија.

„Новитет на семејниот центар ќе биде работата на семејството како систем, но и со сите поединечно ќе се работи на ненасилно решавање на конфликти и на психо-социјално јакнење, за да по завршувањето на третманот, членовите на семејството одлучат дали ќе се разделат или ќе продолжат да живеат заедно“, вели Царовска.

Според најавите, Центарот, кој како проект се спроведува од страна ЦИРа со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, треба да го подобри пристапот до социјалните сервиси во сферата на семејното насилство за потребите на граѓаните на Скопје, но и да придонесе за поголема заложба на другите единици на локалната самоуправа  во справувањето со семејното насилство.

К.О.