Oколу 280.000 основци и средношколци, како и 20.000 првачиња денеска тргнаа на училиште. Новини годинава има за учениците од прво, второ и трето одделение – тие ќе учат од учебници по математика и природни науки по програма на Кембриџ.
Како што истакна министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, Македонија првпат ги има овие програми и е единствената земја во регионот што ги воведува во образовниот систем.
„Учебниците се квалитетни и прилагодени за нашите прилики и за возраста на учениците. Оваа година учениците од прво до трето ги имаат предметите математика и природни науки. Следната година ќе продолжиме со четврто, петто и шесто одделение. Проектот ќе биде заокружен кога тие ќе бидат воведени до деветто одделение“, изјави Адеми по посетата на ОУ „Мирче Ацев“ на првиот ден од новата учебна година.
Министерот информираше дека наставниците се обучени за да ги предаваат предметите од новите учебници, а на располагање, додаде тој, имаат и прирачници.Тој исто така потврди дека се оваа учебна година има помалку првачиња од лани.
„Оваа година се приближно 20.000, а лани беа околу 21.500 деца. Бројот се уште не е конечен, зашто и денеска трае рокот за запишување, но бројот се движи околу 20.000“, забележа Адеми.