Говорот на омраза, лажните вести, екстремистичката пропаганда, освен што се закана за безбедноста и интегритетот на граѓаните, тие се и закана по националната безбедност на една држава.
Во најширока смисла, под говор на омраза („кибер-омраза“) се подразбира која било употреба на технологијата на електронски комуникации за ширење антисемитски, расистички, ксенофобични, дискриминаторски, екстремистички или терористички содржини.
Современите ризици и современите трендови не може, а да не ја поврзат националната безбедност со глобалната информациона безбедност која ги опфаќа сите други видови на безбедност, почнувајќи од регионалната, меѓународната и прекудржавната. Нашиот концепт на кибер безбедност се базира на принципите на ЕУ (Стратегија за кибер-безбедноста на Европската унија) и на НАТО (преку Заложбата за кибер одбрана), кој го прогласи кибер просторот како домен на операции на Самитот во Варшава во 2016 година. Тоа ја менува и националната стратегија на една држава, бидејќи националната безбедност ја креира и националната стратегија на државата, како нејзин основен столб.
Универзални вредности
Информациската револуција, особено интеракцијата на социјалните мрежи, брзо ја прошири и воздигна културната и политичката свест на луѓето, обезбедувајќи непосреден пристап до голем број политички и воени настани.
Според системот на ООН, прашањето на слободата на печатот/медиумите, а со тоа и прашањето на онлајн-медиумите, не се третира одделно од слободата на изразувањето. Декларацијата за слободата на комуникациите прифатена од Советот на Европа (2003 година) предвидува дека слободната комуникација претставува право на достоинство или други фундаментални човекови права. Во Извештајот за слободата на интернет е напоменато дека се прави обид да се објасни потребата од изнаоѓање рамнотежа помеѓу правото да се биде анонимен на интернет и обврската за гонење на вршителите на кривични дела.
Глобалнaта бројка на интернет-корисници до април 2019 година веќе изнесува приближно 4,4 милијарди, што е приближно 57 отсто од светската популација. Влијанието на поединецот освен што станува поголемо, низ тоа се провлекуваат и недржавните и криминално ориентираните поединци и групи. Во некои сегменти тие стануваат сѐ поодлучни во своите закани по безбедноста на интегритетот и врз слободата на граѓаните во целиот свет.
Утилитаристот Џон Стујарт Мил вели дека слободата на изразување нè заштитува од корумпираноста и тиранијата на властите. На база на хуманитарното право, голем број активисти се борат отворено против секуратизацијата на кибер просторот. Но, како нивните согледувања ќе не заштитат од модерните начини на војување и кибернападите?
Кибер активностите претставуваат нов вид на воена активност или криминално и терористичко поттикнување за дестабилизација на општеството. Без оглед дали тие информации потекнуваат од компаниите, одделни организации или држави, заканите по националната безбедност за една мала земја претставуваат вистински предизвик.
Според програмите и целите кои се поставени, Република Северна Македонија со Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) е цврсто решена да ги реализира своите интереси и да создаде безбедносно опкружување со активно и континуирано учество во меѓународната заедница и меѓународните односи. На 21 септември 2005 година со консензус на Собранието беше донесена Националната стратегија за развој на информатичко општество, а Министерството за информатичко општество има донесено и Стратегија за сајбер безбедност 2018 – 2022 година.
Лажни вести и пропаганда
Бројните непроверени информации пласирани низ медиумите и интернетот, креирани за манипулирање на политичката сцена поради сензационализмот и предизвиканото внимание остава длабоки траги во општеството. Армии ботови се ангажирани за да величаат политики на одредена партија, и со ширење и пласирање на лажни вести учествуваат во мобилизирање на своето членство. Германија веќе презеде мерки во поглед на тоа и воведе огромни казни за говор на омраза. Шри Ланка одлучи да го измени Казнениот закон за да ја вклучи казната од пет години затвор и парична казна за оние кои се прогласени за виновни за дистрибуција на лажни вести. Една студијаво соседна Бугарија покажа дека помеѓу 2014 и 2016 година говорот на омраза на социјалните мрежи е зголемен, особено во медиумите, првенствено оние поврзани со националистичките партии и онлајн вести. Негативната јавна перцепција ја поттикнала и јавната реторика на политичарите, националистите и екстремно десничарските активисти. Главните цели беа бегалците (особено муслиманите) и ромското малцинство.
Минатата година, Република Северна Македонија се соочи со сите модерни предизвици на киберзакани меѓу кои се лажните вести и пропагандата. Само во периодот од јануари до октомври 2017 година македонските веб страници биле цел на 328 кибер напади. Во текот на летото 2018 година се појавија стотици нови интернет страници. Поради овие и слични примери, Министерството за одбрана и Владата најавија отворање на Академија за кибер безбедност.
Во февруари 2011 година, во земјава се случи организирање преку социјалните мрежи за инцидентот на Скопското Кале кој беше конфликт меѓу две групи (едната македонска, а другата албанска). Судирот беше прекинат од македонската полиција и заврши со голем број повредени. Оттогаш сѐ поголема е контролата врз социјалните мрежи, но поединечни случаеви и акти на насилство го покажуваат спротивното. Тука може да се наведе примерот со убиството на младиот навивач на групата „Комити“, настан кој од обична кавга и навреди преку социјални мрежирезултираше со смрт на младо момче.
Според член 319 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа е кривично дело за кое полицијата и јавниот обвинител треба да покренат постапка по службена должност. Предвидените затворски казни за дело кое „ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост“ се од една до десет години. Со казна затвор од најмалку четири години се санкционира и тој што спротивно на Законот на собир, преку пишан текст, со аудио – визуелни снимки, преку социјалните мрежи или со кој било друг облик на комуникација повикува, шири или става порака со која врбува или поттикнува друг на извршување казниви дела. Тенка е линијата помеѓу дела сторени од говор на омраза и делата поврзани со омразата. Со последните измени и дополнувања на Кривичниот законик, извршени кон крајот на 2018 година, овој главен казнен нормативен акт во државата станува попрецизен.
Зајакнување на националната безбедност
Како прв ризик и опасност спомнати во Националната концепција за безбедност и одбрана се можните манифестации на екстремен национализам, расна и верска нетрпеливост. Тука како ризици се вбројани и активностите поврзани со меѓународниот тероризам, организираниот криминал, илегалната миграција, нелегалната трговија со дрога, оружје, луѓе и др.
Од тие причини, со цел зајакнување на националната безбедност и борбата против глобалните закани, особено тероризмот, Собранието изгласа измени во Кривичниот законик со кои учеството во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации ќе се казни со најмалку 4 години затвор, додека казната за организирање и финансирање на ова дело со најмалку 5 години. Откако стапија на сила овие законски уредби се чувствува и мало одвраќање во поглед на појавите на регрутирање, особено преку интернет, но целосното намалување е преку дерадикализација, намалување на говорот на омраза преку социјалните мрежи, преку ограничување на ширењето насилни содржини преку кои доаѓа до радикализација и спречување на ширење лажни вести.
Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Мајкрософт ветија дека ќе го спречат ширењето на говорот на омраза од мај 2016 година во Европа преку спроведување на Кодексот на однесување. Извештаите покажуваат дека компаниите сѐ повеќе ги исполнуваат своите обврски за отстранување на поголемиот дел од нелегални содржини со говор на омраза. Сепак, сѐ уште има предизвици, особено недостатокот на систематски повратни информации.
Покрај ширењето омраза, лажните вести играат огромна улога во одржувањето и поттикнувањето на омразата. Tаквите ставови можат да преминат во организирано противуставно дејствување или терористичка активност. Негативна социолошка активност некогаш наоѓа потпора во државните структури поради што, како пример, во Министерството за внатрешни работи е донесено и Упатство за начин на користење на социјалните мрежи за припадниците на Министерството.
Кибер просторот влијае врз безбедноста на граѓаните, a со тоа и врз националната безбедност. Националната безбедност треба да подразбира и да ги примени сите позитивни нормативно-правни акти, организациони, процедурални, човечки и други методи и техники кои им стојат на располагање на носителите и учесниците во остварувањето на безбедносната политика во комуникацијата и соработката со сите владини и невладини, домашни и меѓународни организации.
м-р Тимурленк Чековиќ
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.