Кичевското село Белица е првата зелена комуна: Од јаглен се насочува кон одржлив развој

Кичевското село Белица ќе биде првата зелена комуна во земјава. Одржливото користење на ресурсите, зачувувањето на биодиверзитетот и намалувањето на влијанието на климатските промени кои ќе се имплементираат во Белица ќе послужат како модел за трансформација на целиот кичевски регион од јаглен кон зелен развој и чисти извори на енергија, пренесува Мета.

Дел од активностите кои треба да ја започнат зелената трансформација на Белица се користењето на фотоволтаици за обезбедување на електрична енергија, зачувување на регионот на Илинска-Плакенска планина кои се важен коридор за движење на крупните ѕверови во земјава, но и управување со отпадот и развој на алтернативен туризам.

Зелената заедница ќе ја градат Македонското еколошко друштво и локалната заедница, која во последната деценија многу вложува во враќање на животот во Белица. Според Робертина Брајаноска, извршен директор на МЕД, би било одлично заложбите и иницијативата на мештаните да биде препознаена и во другите делови од регионот на кој му следува сериозна трансформација.

„МЕД ќе помогне да се стави во функција дел од старата училишна зграда што ќе служи како едукативен центар за важноста на заштитата на биодиверзитетот, за одржливото користење на ресурсите, како што е водата и поттикнување на искористувањето на сонцето како извор на енергија. Исто така ќе биде воспоставена и метеоролошка станица во која ќе се собираат податоци за температурите, врнежите и ќе се анализираат влијанијата на климатските промени“, вели Брајаноска.

Посочува дека населението на Белица и досега било ангажирано за враќање на животот и средување на селото. Тие ќе се едуцираат и понатаму да прават мониторинг на двете мали хидроцентрали кои се изградени на реката Беличка, кои особено во летниот период пресушуваат и директно влијаат на биодиверзитетот и снабдувањето со вода на жителите.

Напуштеното училиште, кое сега се реновира ќе функционира енергетски ефикасно, користејќи енергија произведена од фотоволтаици кои ќе бидат поставени на кровот на објектот и соларни системи за топла вода. Идејата е да се овозможи оваа локација да почне да функционира како локален центар, каде би се организирале различни работилници.

Објектот, вели Брајаноска, има потенцијал да стане и преноќиште, да се отвори ресторан, да се служи и продава локална храна и да биде извор на приходи и развој на локалната заедница.

„Иселениците од овој крај кои се враќаат и имаат желба да ги обноват куќите би било добро да инвестираат и во фотоволтаици и да користат природни материјали. Населението треба постојано да се едуцира какво е богатството на биодиверзитетот и како треба да се чува, па ќе се организираат и посети на ученици од Кичево и Другово“, вели Брајаноска.

Од Здружението на граѓани за развој на месната заедница село Белица велат дека воспоставувањето на зелената комуна е најголемиот проект што селото го добило во историјата.

„Во овој проект пожелно е да ни се приклучат што повеќе млади луѓе од нашето село и поширокиот регион со кои ќе можеме да изградиме капацитети за добивање идни уште поголеми проекти преку кои ќе се создадат услови за да се отворат работни места во целиот регион во кој има безброј можности за тоа“, велат од Здружението.

Проектот е дел од грантовата шема на проектот “Граѓанските организации во акција за климатските промени” предводен од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко Свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници и Организацијата за поврзување на природните вредности и луѓето, а финансиски поддржан од Владата на Шведска.

Мета