Неидентификувани лица ја киднапирале Марија Колешникова, која ги предводи протестите во Белорусија против претседателот Александар Лукашенко, пренесуваат медиумите повикувајќи се на сведоци.
Според новинскиот портал Tut.by, лицата носеле маски и ја ставиле Колешникова во комбе кое заминало во непознат правец. Полицијата во Минск соопштила дека тие не ја уапсиле Колешникова, пренесува руската новинска агенција Интерфакс.
Оваа вест доаѓа само неколку часа по еден од најмасовните антивладини протести во земјата, на кој полицијата уапсила 633 демонстранти.
Колешникова е единствената која остана во Белорусија од триото политичарки кои му се спротиставија на Лукашенко.
Таа заедно со Светлана Тихановскаја и Вероника Цепкало се здружија пред изборите како опозиција на долгогодишниот белоруски претсседател. Веднаш по изборите на 9-ти август, Тихановскаја пребегна во Литванија, додека Цепкало замина во Полска.
Вчера неколку десетици илјади луѓе протестираа на улиците на Минск одбележувајќи го почетокот на петтата недела антивладини демонстрации на кои се бара оставка од белорускиот претседател Александар Лукашенко поради наводна манипулација со изборните резултати.
Илјадници демонстранти низ улиците на Белорусија против Лукашенко