23 август, Келн, Германија. На таа вечер се отвара Gamescom, најголемата европска конвенција за видео игри. Доколку сте запознаени со Е3, тогаш веќе знаете за што станува збор – неколкудневна конвенција за промоција на најнови игри чиј развој допрва почнува, најава за премиера на игри за кои веќе знаеме однапред, интервјуа на различни лица кои работат на различни проекти, како и пуштање на демоа на видео игри кои се отворени за посетителите или се од затворен тип на кои можат да присуствуваат само поканети лица. Вечерата на отварањето е резервирана само за трејлери и промоции, па очекувано е да има звучни имиња од високобуџетни компании, како и помалку познати наслови од новонастанати независни тимови. После отприлика час на презентации, доаѓа на ред најава за игра за која дури ни Џеф Кили, водителот на настанот, не знаел дека воопшто била планирана. Станува збор за Killer Klowns from Outer Space, хорор мултиплеер игра на Teravision Games, базирана на истоимената хорор комедија. Еве го трејлерот за играта.
Додека нема многу детали за оваа игра, освен што се знае дека ќе биде мултиплеер игра каде може да играш за тимот на кловновите или за тимот на луѓето кои се борат за да преживеат, хорор фановите многу добро се запознаени со овој култен класик од 1988 година. Killer Klowns from Outer Space звучи како претерано кул наслов, наслов за кој се сомневаме дали навистина постои филм со такво име, за потоа да го заборавиме насловот и после пак да се потсетиме на него кога ќе дојде во некој нов муабет со напомена овојпат да го гледаме или барем да го ставиме на примарна листа за гледање.
Killer Klowns е комплетна продукција, од сценарио, ефекти, до продукција и режија на братското трио Киодо (Стивен, Чарли и Едвард). Како истакнати работници за визуелни практични ефекти за Б и Ц холивудски филмови, браќата се стекнале со доволно искуство за да размислат да одат во насока на правење на сопствен хорор филм, со идеја која досега не била истражена – што ако Земјата е под закана од вонземска инвазија каде вонземјаните изгледаат како кловнови? Со скромен буџет од 2 милиони долари, филмот ги доби потребните финансии, па така браќата Киодо го реализираат филмот преку своето студио Chiodo Bros Studio, а со дистрибуција на Trans World Entertainment. Вкупниот профит на американскиот бокс офис бил 4 милиони долари, и иако го надминал износот на буџетот за продукција, тоа не било доволно за да ги надомести значајните финансиски загуби. Сепак филмот стекнал култен статус благодарение на самото име, па така KKFOS станал голем хит со изнајмување на видео касетите од тогашните локални видеотеки и добриот збор што се ширел меѓу пријатели и фанови.
Кресент Коув е мало и мирно американско градче. Една ноќ жителите ќе приметат мал метеор кој паѓа во близина на Кресент Коув, а Џин Грин, лудиот осамен фармер ќе помисли дека тоа е Халеевата комета која поминува покрај Земјата на секои 75 години, а чие поминување го одбележуваат катастрофи од епски пропорции. Џин оди со своето куче на местото каде паднала кометата, но наместо кратер од паѓањето, има постевн огромен циркуски шатор кој при допир се чини дека е изработен од челик. Џин и неговото куче се првите жртви на припадниците на шаторот, неприродно високи хуманоиди кои личат на морбидни кловнови кои наскоро почнуваат да шират хаос и пустош во Кресент Коув.
Да го тргнеме името на филмот, ова делува како типичен Б хорор американски филм каде група на тинејџери мора да се справи со потенцијална опасност (вонземјани, мутирани инсекти, демони итн) откако претходно нивното барање помош не наишло на поддршка кај возрасните поради нивната скепса. Но Killer Klowns from Outer Space е уникатен во неколку погледи. Она што е најочигледно е во одделот за практичните ефекти. Браќата Киодо многу добро го совладале својот занает претходно работејќи на практични ефекти, аниматроника и стоп-моција на филмови како Flicks, Critters, Critters 2, Robocop и UHF. Умешноста во оваа работа придонела браќата да работат со помал буџет за KKFOS бидејќи тие работеле на создавањето на ефектите (титулата за најскап модел во филмот оди кај пуканка пушката, а тоа е пушка која испукува… пуканки, и само еднаш е користена во филмот). И се што е во презентацијата на ефектите е на ниво. Најимпресивни се секако маските и костимите на кловновите кои се изработени така да изгледаат застршувачки, но никој не се сомнева во нивната злобност бидејќи сепак се кловнови чија работа е да ја забавуваат публиката. А KKFOS изобилува со доста сцени кои делуваат како wake up call за поспаните жители на Кресент Коув, како и со доста иновативни сцени за опсегот на дејствијата на овие посетители од вселената. Како моментот кога еден кловн прави сенки на различни суштества за луѓето кои чекаат автобус.
Или овој момент.
Кога сме веќе кај сцената кога кутрата девојка наместо пица добива ласерски зрак кој ја претвора во чаура од шеќерна волна, за посебна пофалба е гитарскиот риф на Џон Масари, композиторот на музиката за филмот кој воедно има соработувано и со панк рок бендот The Dickies кои ја имаа честа да ја направата воведната песна. Интересно е што нивната песна многу добро се поклопува со тематиката на филмот, иако бендот не видел ниту една сцена од правењето на KKFOS, па морал да се раководи од општите белешки на креаторите за тоа што ќе се случува во приказната. Како краен резултат имаме една ептен заразна песна која е микс на поп, панк и циркуска музика.
Се на се Killer Klowns from Outer Space е доста забавна хорор комедија. Ако некогаш се одлучите да правите хорор филмски маратон со холивудски филмови од Б листа, задолжително ставете го и овој филм на вашиот список за гледање. Штета е што досега не е остварена идејата на браќата Киодо за барем едно продолжение, но нивното наследство живее со новата игра на Teravision Games која би требало да излезе следната година. Дотогаш ќе имаме доволно време за да размислиме за кој тим да играме во вечната борба помеѓу човештвото и кловноството.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.