На младите под 18 години ќе им биде дозволено да играат видео игри по еден час во петок, за викенди и празници, пренесува „Гардијан“.
Кинеските регулатори го преполовија времето во кое на младите под 18 години им е дозволено да играат видео-игри. Па така, тие ќе можат да играат видео-игри по еден час во петок, за време на викендите и празниците. Ваквата мерка доаѓа како одговор на растот на зависноста од видео-игри во државата, пренесуваат локалните медиуми.
Во правилникот, кој е објавен преку Националната администрација за медиуми и публикации, се вели дека корисниците под 18 години ќе можат да играат видео игри во периодот од 20 до 21 часот на определените денови.
На компаниите за видео игри ќе им биде забрането да нудат сервиси за видео игри во секоја форма надвор од регулираните периоди, а тие исто така ќе треба да воведат системи за контрола. Компаниите ќе бидат под надзор од регулаторите кои го надгледуваат националниот пазар за видео игри.
Според претходните регулации, малолетниците можеа да играат видео-игри по три часа за време на празниците и по еден и пол час на работни денови.
Од Националната администрација за медиуми и публикации истакнале дека ќе ја зголемат фреквенцијата и интензитетот на инспекциите во компаниите за видео-игри за да се осигураат дека тие ги воведуваат новите мерки и системи.