Загадувањето на воздухот во Пекинг во декември минатата година предизвика откажување на стотици летови на меѓународниот аеродром во градот, поради лошата видливост.
Во обид да се расчисти смогот во главниот град, властите најавија план да заменат 67.000 такси возила што користат бензин, со електрични автомобили, а сите нови такси возила да бидат електрични. Проектот се очекува да ги чини такси операторите 1,3 милијарди долари.
Електричните возила во Кина во моментов чинат околу 20.000 долари, што е двојно повеќе од конвенционалните автомобили. Покрај високата цена, уште еден предизвик за такси компаниите е недостатокот на станици за полнење во Пекинг. Кога градот додаде 200 електрични такси возила во 2014 година, возачите, наводно, чекале ред и до шест часа на станиците за полнење.
Сепак, загадувањето е во пораст поради зголеменото индустриско производство на челик во јужниот дел од Кина, според Гринпис.
Кина исто така, неодамна објави дека домашната железница ќе се зголеми за речиси 30.000 километри пред 2020 година, при што една третина од зголемувањето на километражата ќе биде за високо-брзински возови. Според локалните медиуми, до 2020 година, Кина ќе изгради комплетно модерен транспортен систем кој е безбеден, удобен, ефикасен и зелен.