Државниот совет на Народна Република Кина ja укина 14 -годишната забрана за продажба на странски конзоли за видео игри, подготвувајќи терен за влез на Microsoft , Nintendo и Sony на пазарот на кој се уште доминираат персоналните компјутери, објави Ројтерс.
Министерството за култура на Кина ги забрани странските конзоли во 2000 година со оправдување дека видео игрите имаат докажано негативен ефект врз менталното и физичко здравје на младите. Сега странските компании ќе имаат право да произведуваат видео конзоли во слободната трговска зона на Шангај , но секоја конзола ќе треба да се проверува од одделот за култура на оваа земја.
Укинувањето на забраната сепак е само привремено, бидејќи владата во моментов подготвува нови правила за продажбата на конзолите. Кинеската влада започна разговори за олеснување на забраната во јануари 2013 година, a во септември Државниот совет најави дека ќе ја укине долгогодишната забрана.
Кина е огромен пазар за гигантите за производство на конзоли . Приходите од видео игри во земјата изнесуваа 14 милијарди долари минатата година. Игрите за компјутери сепак сочинувале две третини од оваа сума. Сега странските производители на конзола веројатно ќе се соочат со тешка битка за удел на пазарот во земјата каде што една цела генерација израсна без PlayStation, Xbox или Wii, пишува Ројтерс.