Кина, еден од најголемите корисници на пластика, објави план со кој ќе го намалат користењето на пластика за еднократна употреба во земјата.
Неразградливите кеси ќе бидат забранети во сите поголеми градови од крајот на 2020 година, а потоа и во сите останати градови и населени места од 2022 година. Од крајот на оваа година ќе започне и забрана за ресторантите да користат сламки за еднократна употреба, пренесе Би-Би-Си.
Новите мерки треба да бидат имплементирани во следните пет години.
Покрај забраните за кеси и сламки, индустријата на ресторани ќе мора да ја намали употребата на пластика за една употреба за 30%, додека хотелите нема да смеат да нудат производи од пластика за една употреба од 2025 година. Производството на пластични кеси потенки од 0,025 милиметри исто така ќе биде забрането.
Кина со години се бори да се справи со ѓубрето кое се создава од 1,4 милијарди жители на земјата. Најголемата депонија, која се протега на површина од 100 фудбалски игралишта, веќе е целосно полна, 25 години порано од првично планираното.
Само во 2017 година Кина собрала 215 милиони тони урбан отпад од домаќинствата, но националната статистика за рециклирањето не е достапна.
Кина е и најголем генератор на отпад од пластика. Само во 2010 година имале 60 милиони тони, додека зад нив се САД со 38 милиони тони, според базата на податоци од Универзитетот Оксфорд.