Со фокус на младинското волонтирање и зелениот активизам денес (11 август) и утре (12 август) во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, Скопје ќе се одбележува Денот на младите.
„Младите ќе возат велосипеди и ќе произведат чиста струја. На настанот ќе има и свежи пијалаци направени од волонтерите. Затоа младите се добродојдени со велосипеди да произведуваат струја и со чашки бидејќи настанот ќе се организира без отпад“, стои во најавата од организаторите, Волонтерски центар Скопје и здружението Гоу Грин.
Во рамки на дводневната програма, двата дена ќе има изложби на млади уметници, фото изложба за волонтеризам и ако-активизам а најавени се и млади бендови и артисти.
Утре вечер ќе има и кино на точак каде ќе се прикажуваат кратки филмови на тема волонтеризам и екоактивизам. Дел од филмовите ќе бидат од програмата на EU Youth Cinema :Green Deal.
„Младите ќе можат да се дружат и да научат повеќе преку работилници за дизајнирање и креирање еко-торба, инструменти од рециклиран материјал, ‘Спасете ја планетата дома’, работилница за рециклирање, работилница за климатски промени околу 125 кг јаглеродна коцка, намалување на отпадот и правилен избор на отпад во секојдневните активности. Ќе има и видео-продукција со паметни телефони“, стои во соопштението за настанот.
Настанот, како што се вели во најавата, се слави во Европската година на младите па затоа има за цел да ги поттикне младите и да даде простор за идеи, разговори и размислувања за создавање подобра и поодржлива иднина.
„Исто така, младите ќе имаат можност преку инфо-точките на ЕУ и Националната агенција да се запознаат по блиску со програмите и активностите што ги нудат за млади“, најавуваат организаторите.
Настанот е поддржан од општина Кисела Вода, Националната агенција за образовни програми и мобилност, EU House Skopje.