Во рамките на Националната кампања „Слободно изрази се“ во Тетово беа поставени ѕидови за слободно изразување на кои граѓаните имаат можност да ја надополнат фразата „Во Тетово сакам…“
Од испишаните пораки на таблите може да се забележи дека културните, спортските потреби на граѓаните, но и подобрување на хигиената, проблемот со кучињата скитници се меѓу најчесто посакуваните работи што тетовци сакаат да се решат.Во Тетово сакам… кино, театар, спортски терени, почисти паркови, базени …но и меѓуетничка толеранција, подобар ноќен живот за младите, вработување, чист град, вода, слободни пешачки премини и тротоари, се досега најчестите испишани пораки. Има и такви кои во побараа повеќе љубов, па и бесплатен интернет.
За многумина ова е одличен начин за искажување на индивидуалните мислења.
„Добро е доколку дел од напишаните пораки од граѓаните ги видат и слушнат локалните институции и за истите преземат соодветни мерки за посочените проблеми“, вели еден од граѓаните кои го искажа своето мислење на поставената табла.
Таблите се поставени во центарот на градот на аголот на улиците Јане Сандански и Маршал Тито и секој заинтересиран може да го пишува на нив. Овие табли овде ќе останат уште неколку седмици.
Проектот „Слободен си – изрази се“, се реализира од страна на НВО Инфоцентар и Младински образовен форум, а е поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕДИХР).
Повеќе фотографии од испишаните пораки може да се најдат тука.
Бобан Костадиновски