Кинотеката на Северна Македонија по новогодишните и божиќните празници започнува со караванот „Кино утро“ наменет за најмладите. Програмата официјално започнува на 9 јануари со македонскиот телевизиски серијал „Зоки Поки“.
„Нема двоумење дека најмладите добро знаат што е тоа. Тоа е адаптација на нивната омилена лектира, која датира од 1963 година, кога писателката Оливера Николова го издаде ‘Зоки Поки’“, се вели во соопштението.
Месец јануари ќе биде надополнет и со анимирани филмови од неодамнешната продукција. Најмладата генерација филмофили ќе биде во можност да ги проследи новите авантури на „Нинџа желките“, норвешката продукција „Титина“, германскиот анимиран филм на еколошка тема „Смрдливците – Добредојдовте во Ссмрдвил“, рускиот „Мачки во музејот“, „Биби и Боби: Пролетна магија“ и други кои може да се најдат на овој линк.