Кинотеката на Северна Македонија информира дека е достапна платформа која нуди обука за дигитализација на домашни филмови снимени на BXC, CBXC, 8мм, 9,5мм, 16мм итн на македонски јазик.
Станува збор за проектот „Мобилна евтина дигитализација на винтиџ филмови ‘МобиРеел’“ во кој Кинотеката соработува со Р. Бугарија ( SCAS и Народна библиотека „П. Р. Славејков“) , Германија (Zeutschel) и Холандија (ERfgoedcentrum De Domijnen). Платформата за обука е достапна на сите јазици од учесниците во проектот и на англиски.
„Секој граѓанин кој е заинтересиран за оваа обука може да се регистрира на платформата и да ја заврши обуката, а со успешно завршување на обуката се добива европски акредитиран сертификат“, велат од Кинотека.
Оттаму информираат дека е активен и Јутјуб канал на проектот каде може да се видат кратките видеа снимени од партнерските земји, направени за потребите на проектот.
„Пет видеа за различните единици/модули што ги произведоа проектните партнери. Видеата се кратки објаснувања за темите на модулот. На каналот исто така можат да се видат и неколку кратки веќе дигитализирани филмови“, соопштуваат од Кинотека.
Како дел од проектот во моментот се работи и на снимање и на ново видео, а се подготвува и прирачник кој ќе биде достапен и онлајн. Инаку, проектот е дел од Еразмус+ програмата.