Во месец јули во Кинотеката на Македонија, во летното кино „Мирно лето“ ќе се прикажуваат постари и понови филмски остварувања од нашата национална кинематографија. Почетокот на месецот е посветен на постарите наслови, средината на современите домашни остварувања и филмовите од фестивалот „Синедејс“, а крајот на јули на филмови за земјотресот.
Филмот „Волчја ноќ“ во режија на Франце Штиглиц, а според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски ќе се прикаже на 5 јули со почеток од 20 и 30 часот. Како што информираат од Кинотека, ова филмско остварување е вториот гран филм во историјата на седмата уметност кај нас.
Наредниот ден, исто така од 20 и 30 часот ќе биде прикажан и „Црно семе“ од Кирил Ценевски.
Понатаму, на 9 јули од 20 и 30 часот ќе може да се погледне и филмот „Жед“ од режисерот Димитрие Османли, кој е втор долгометражен игран филм во продукција на „Филмско студио – Скопје“ и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“.
„Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј, во специјалното издание на Кинотеката на Македонија на англиски јазик ‘Kino – Macedonian film’, за ‘Жед’ оценува дека се работи за ‘пофален одговор’ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот ‘црн бран’“, додаваат оттаму.
Исто така, во рамки на понудата за месец јули во летното кино ќе се прикажат и современите остварувања „Исцелител“, „Домаќинско за почетници“, „Ругање со Христа“, „Бал-кан-кан“ и „Скопје ремикс“.
Додека пак, средината на јули од Кинотека ја резервирале за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“.
Репертоарската понуда се заокружува со прикажување на филмски материјали кои се однесуваат на земјотресот кој го зафати Скопје во 1963 година, но и со промоција на „Македониум: Драматургија на недовршеното“, колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Ивановска и Јане Чаловски.
„Филмот е работен врз основа на истовремената книга на Ивановска и Чаловски, која се фокусира на приказната за ‘Македониум’, најистакнатиот меморијален комплекс играден во социјалистичка Македонија“, посочуваат од Кинотека.
Според нив, токму оваа месечна понуда покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес на емоции и на впечатоци.
„Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи“, додаваат од Кинотека.
Дополнително, на 30 и 31 јули од 20 и 30 часот ќе се прикажува филмот „Медената ноќ“ од режисерот Иво Трајков.
Влезниците ќе чинат 150 денари, а целата програма може да ја погледнете на следниов линк.