Кинотека на Македонија ја започнува новата година со богата и разновидна програма за љубителите на филмската уметност, а овој месец ќе понуди содржини за сите генерации, од најмладите до најстраствените филмофили, преку тематски и ексклузивни проекции, велат оттаму.
Играниот анимиран филм „Јон Вардар против галексијата“ ќе се прикаже на 9 јануари во 11 часот, 13 и 14 јануари во 18 часот и на 15 јануари во 14 часот.
„Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, ќе настане хаос. Двајцата ќе ги здружат силите за да спречат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки и можен крај на севкупната егзистенција“, велат од Кинотека.
Играниот филм „Мечето Падингтон во џунглата“ пак, ќе се прикаже на 9 јануари во 14 часот, 11 јануари во 11 часот и 15 и 16 јануари во 18 часот.
„Кога Педингтон дознава дека неговата сакана тетка Луси исчезнала од Домот за пензионирани мечки, тој и Браунови одат во дивините на Перу да ја бараат, со единствена трага за неа во една точка обележана на една загадочна карта. Решен да ја реши мистеријата, Педингтон се впушта во возбудлива потрага низ прашумите на Амазон за да ја најде тетка си… и може да открие и едно од најлегендарните богатства на светот. Во третиот филм за Мечето Педингтон играат Хју Бонвил, Емили Мортимер, Џули Волтерс, Џими Бродбент, Имелда Стонтон, Карла Тус, Мадлин Харис, Самуел Џослин, Оливија Колман, Антонио Бандерас и Бен Вишо повторно како гласот на Педингтон“, посочуваат од Кинотека.
Играниот филм „Планета 7693“ ќе се прикаже на 9 и 11 јануари во 18 часот и на 14 јануари во 14 часот.
„Лука (9) живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата, каде го запознава мистериозното девојче по име ‘7693’“, пишува во програмата на Кинотека.
Играниот анимиран филм „Божиќната магија на животните“ има закажани проекции на 10, 13 и 16 јанаури од 11 часот.
„Волшебни приказни се расплетуваат во ‘Божикната магија на животните’, каде празничните чуда оживуваат. Нурнете во овие прекрасни и модерни сказни во кои животните тргнуваат на магични патувања од Франција до Јапонија, до Далечниот север и неговата поларна светлина, ширејќи радост и великодушност. Секоја приказна е чудна и шармантна авантура зачинета со хумор и убавина специфична за зимската сезона. Дозволете поезијата да ви го плени срцето и да ве пренесе во свет каде божиќната магија нема граници“, додаваат од Кинотека.
Во меѓувреме, играниот анимиран филм „Кариран нинџа 2“ ќе има проекција на 10 јануари во 14 часот.
„Во ‘Кариран Нинџа 2’ повторно ги следиме Алекс и неговата карирана нинџа кукла во нивната мисија против злобниот Филип Еперминт. Кога Еперминт ќе успее да ја избегне затворската казна во Тајланд, карираниот нинџа повторно оживува и го наоѓа Алекс. Заедно, со помош на семејството на Алекс, тие заминуваат за Тајланд за да го изведат злосторникот пред правдата. Алекс и неговата нинџа кукла ќе се впуштат во опасна мисија каде што нивното пријателство ќе биде ставено на сериозен тест“, се истакнува во програмата на Кинотека.
Закажани се и проекции на играниот анимиран филм „Дедо Мраз супер херој“ на 10 јануари во 18 часот, 11 јануари во 14 часот, 14 и 15 јануари во 11 часот и на 16 јануари во 14 часот.
„Желбата на Дедо Мраз се остварува кога случајно ќе си ја удри главата и ќе почне да верува дека е Супер херој. Со помош на Били и Лео, неговиот елф-извршен асистент, Дедо Мраз супер херојот ќе се соочи со бизнисмен опседнат со играчки за да го спаси Божиќ“, пишува во описот за филмот.
„Соништата на еден робот“ ќе биде прикажан на 13 јануари во 14 часот.
„Кучето живее на Менхетен и е уморно од осамениот живот. Еден ден решава да си направи пријател – робот. Нивното пријателство цвета сè додека не станат неразделни, водејќи живот карактеристичен за Њујорк во осумдесеттите години на минатиот век. Една ноќ кучето е принудено да го остави роботот на плажа, што многу го растажува. Дали тие двајца некогаш повторно ќе се сретнат? Филмот ‘Соништата на еден робот’ е базиран на графичкиот роман на Сара Варон“, се додава во програмата.
На 17 јануари од 20 часот ќе се одржи зимското издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и Мрежата на фестивали од јадранскиот регион кое ги промовира регионалните копродукции, а во рамките на зимското издание ќе бидат прикажани пет наслови, при што првиот филм ќе се прикаже во Кинотека, а останатите на дигитална платформа.
На 20 јануари во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Љубовната соба“ во кој се прикажани интимни приказни на неколку жени за нивното емотивно, социјално и психолошко патешествие што го минуваат додека нивните мажи или партнери се наоѓаат на отслужување на затворски казни.
Исто така, закажани се и проекции на филмот „Зона на интерес“ на 23 јануари од 19 часот, „Темни сателити“ на 24 јануари во 19 часот, „Совршени денови“ на 25 јануари во 19 часот, „Само ние двајца“ на 27 јануари во 20 часот, како и селекција на филмови од македонски филмски автори на 28 јануари од 19 часот.
Целосната програма на Кинотека е достапна на следниов ЛИНК.