Кинотеката на Македонија ќе стане нов дом на комплетниот филмски опус на американски независен режисер Марк Рапапорт. Овој чекор е резултат на соработката со неговиот ексклузивен дистрибутер „МИ Филм“, кој ги депонира сите негови филмови во архивата на Кинотеката.
„Оваа вест претставува огромна чест за македонската филмска институција и значаен придонес кон збогатувањето на архивскиот фонд со автор кој се смета за еден од најзначајните гласови на американската независна сцена“, велат од Кинотека.
Марк Рапапорт е познат по своите иновативни и експериментални филмови кои ги истражуваат границите помеѓу фикцијата и документарецот. Неговите рани дела, како што се „Casual relations“ (1974), „Mozart in love“ (1975) и „Local color“ (1977), се карактеризираат со уникатен наративен стил и длабока анализа на човечките односи, посочуваат оттаму.
„Филмот „The scenic route“ (1978), инспириран од стилот на Макс Офилс, е естетски богато дело кое ја истражува комплексноста на љубовните триаголници. Со „Impostors“ (1979), Рапапорт продолжува да ги истражува темите на идентитетот и измамата, а во „Chain letters“ (1985) се фокусира на интеракциите и комуникацијата меѓу луѓето во урбаното опкружување“, раскажуваат од Кинотека.
Во 1990-тите, додаваат, Рапапорт се насочува кон нова филмска форма – видео-есејот, создавајќи револуционерни дела како „Rock Hudson’s home movies“ (1992) и „From the journals of Jean Seberg“ (1995).
„Овие филмови комбинираат архивски материјали, фиктивна реконструкција и интелигентна нарација, поставувајќи нови стандарди во филмската критика и есеистика. Неговото дело е предмет на анализи и пофалби од реномирани филмски критичари како што се Џонатан Розенбаум, Роџер Еберт, Џ. Хоберман, Дејв Кер и Стјуарт Клаванс. Розенбаум, на пример, во својата рецензија за „From the journals of Jean Seberg“ истакнува дека Рапапорт создава нова форма на филмска критика преку фикционални автобиографии“, наведуваат тие.
Покрај неговите филмски остварувања, Рапапорт е и активен филмски писател. Од 1994 година објавува фикции и есеи на француски јазик во списанието „Trafic“, а во 2008 година беше објавена неговата книга „Филмофилот кој знаеше премногу“ (Le Spectateur Qui en Savait Trop).
Минатата недела, издавачката куќа „МИ Филм“ ја објави неговата нова книга “Book of Dreams”, која претставува збирка на колажи. Книгата веќе е достапна во продажба во Кинотеката, во кафе-книжарницата „Буква“, како и во други книжарници во Скопје, а наскоро и на „Амазон“.
„Како дел од оваа значајна соработка, до крајот на оваа година ќе биде организирана селектирана ретроспектива на делата на Рапапорт во Кинотеката, овозможувајќи на македонската публика да се запознае со неговото иновативно и храбро филмско размислување, кое продолжува да инспирира нови генерации автори. Со вакви иницијативи, Кинотеката на Република Македонија не само што го зацврстува своето место на мапата на значајни европски филмски архиви, туку и станува точка на културна размена со автори кои ја промениле историјата на филмот“, истакнуваат оттаму.