По повод 50 години од основањето на Кинотека како Национална Установа, јубилеј кој ќе се одбележува низ целата 2024 година, Кинотека распишува Конкурс за лого и логотип со текст „50 години Кинотека“.
Од Кинотека посочуваат дека конкурсот е отворен за сите локални, македонски дизајнери, уметници и креативци, а конкурсот е отворен до 31 јануари 2024 година.
„Резултатите ќе бидат објавени најдоцна 15 дена по завршувањето на Конкурсот.Секој учесник може да поднесе едно до најмногу три идејни решенија. Решенијата ќе ги оценува Комисија од стручни и компетентни лица, именувана од страна на Директорот на Н.У. Кинотека на РСМ“, истакнуваат оттаму.
Според правилата на Конкурсот, комисијата го задржува правото да не избере ниту едно решение од поднесените пријави.
Дополнително, од Кинотека истакнуваат дека на авторот за избраното решение му следува авторски надоместок од реализацијата на аудио-визуелниот документарен запис – за ексклузивното пренесување на авторските материјални права за прикажување и дистрибуција; наградата за добитничкото дело е во износ од 30.000 мкд.
„Пријавените решенија треба да се достават во затворен плик, во три примероци, со назнака: Решение за изработка на специјално јубилејно лого со логотип со текст и со шифра од најмногу 5 знаци – букви или броеви. Во пликот, освен решението, треба да се приложи и посебен затворен плик, означен со истата шифра, во кој ќе бидат содржани податоците за авторот (име, презиме, адреса и контакт-телефон)“, се вели во Конкурсот.
Повеќе детали за конкурсот се достапни тука.