Во среда, (27 октомври) Кинотеката на Северна Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата: „Антонио Митрикески: Хроника на еден филмски сон“.
Книгата е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти. Таа е во издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов.
Водена од мотото на оваа глобална манифестација – „Вашиот прозорец кон светот“ – од Кинотеката велат дека ќе ги отворат своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.
Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).
Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.
„Аудиовизуелните материјали можат да ја раскажат вашата приказна, вашата вистина и вашето присуство. Тие обезбедуваат прозорец кон светот, овозможувајќи ни да ги набљудуваме настаните на кои не можеме да присуствуваме, да слушаме гласови од минатото кои повеќе не можат да зборуваат и да изработуваме приказни што информираат и забавуваат. Аудиовизуелната содржина сè повеќе игра витална улога во нашите животи додека се обидуваме да го разбереме светот и да се вклучиме во општеството. Промовирајте правда, еднаквост и мир преку аудиовизуелни снимки. Прославете ги триумфите во вашата заедница и забавувајте нè со вашата приказна. Покажете ни го вашиот прозорец кон светот“, се вели во годинешната порака на Тоби Сиј, претседател на CCAAA.
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓународни организации. Mеѓу нив и ФИАФ (Fédération internationale des archives du film / International Federation of Film Archives), кадешто членува Кинотеката на РСМ, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации.