Кинотеката на Македонија со зголемен буџет од 1.5 милион денари за 2025 година

Кинотека на Македонија во 2025 година влегува со буџет од 7.5 милиони денари со кои ќе се реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачка дејност, соопштија оттаму. Буџетот, како што велат, е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година.

Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6.5 милиони денари, е најавено дека ќе бидат потрошени на тековни и нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирање филмови и филмски материјали, документација и музејски ескпонати, обработка и каталогизација на прибрана граѓа, но и на годишната филмска програма во Кинотеката, преку која се обезбедуваат проекции на актуелни и култни филмски остварувања.

„Годинава ќе се работи и на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм ‘Македонска крвава свадба’ (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филмови од македонската школа на анимиран филм, школа која беше активна во ‘70-те и ‘80-те години на 20. век (Д. Марковиќ, Б.Пејчинов, Д. Михајловски, итн.). Играниот филм ‘Мис Стон’ (1958) на режисерот Ж. Митровиќ што минатата година беше дигитално реставриран, а оваа 2025 година ќе го добие и своето блу-реј издание“, велат од Кинотека.

Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, Кинотеката најави дека ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена како „Денови на македонски филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на Кинопис, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 Години македонски филмски плакат“.