Наградата што Скопскиот џез фестивал традиционално ја доделува за најдобар млад македонски џез музичар, отсега без придавката „млад“, годинава ја освои џез саксофонистот и едукатор Кирил Кузманов.
„По дипломирањето и магистрирањето со највисоки оценки на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, Кузманов се враќа во Македонија, каде што е еден од најактивните актери на џез-сцената. Тој е член, а воедно и еден од основачите, на биг-бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, денес познат како Национален џез оркестар. Учествува во снимањето на бројни албумски изданија на реномирани домашни и интернационални ансамбли“, истакнуваат од фестивалот.
Во текот на својата кариера настапувал во познати џез клубови и концертни сали и подиуми во Европа, како Melkweg во Амстердам, Porgy & Bess во Виена, Fabrik во Хамбург, JazzKeller во Франкфурт и многу други. Тој е вонреден професор по саксофон и џез ансамбл на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Наградата „Најдобар македонски џез-музичар“ на Кузманов ќе му биде врачена во четврток, 17 октомври во МКЦ, пред настапот на „Next to Silence“ на 43. Скопје џез фестивал.
Инаку, програмата на годинешниот Скопје џез фестивал започнува на 17 октомври и ќе трае до 20 октомври. Фестивалот ќе го отвори вокалистката Сесил Меклорин Салвант во Национална опера и балет со почеток од 20 часот, а веднаш потоа од 23 часот во МКЦ ќе настапат „Next to silence“.