Кисела Вода: После 100 години селото Драчево ќе добие ново училиште

Камен темелник за нов објект за ООУ „Свети Климент Охридски” денес беше поставен во општината Кисела Вода, од каде велат дека наместо досегашното училишно здание што годинава одбележа точно 100 години постоење, учениците ќе добијат модерен, современ објект на 3.600 квадратни метри со 19 училници и 7 кабинети и сите останати потребни простории.

„Досегашниот објект кој за многумина има големо сентиментално значење, нема да биде срушен, туку ќе остане да постои бидејќи има музејска важност, посебно за жителите на селото Драчево“, соопштуваат од Кисела Вода.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, дека денешниот настан е првиот од капиталните инфраструктурни проекти со кои Општината го започнува одбележувањето на својот 69-ти роденден и на настаните што ќе се реализираат во текот на целата седмица. Во однос на новиот училишен објект во Драчево, посочува дека во него настава ќе посетуваат 570 ученици, а ќе биде финализиран за околу две години.

„На приземјето и двата ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети, со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простории. Ова училиште ќе биде симбол на напредокот и посветеноста на нашата заедница за обезбедување најдобри услови за нашите деца“, рече Орце Ѓорѓиевски.

На камен темелникот за училиштето присуствуваше и новиот премиер Христијан Мицкоски, кој рече дека се работи за инвестиција поголема од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет.

„Продолжуваме да работиме, го подготвуваме ребалансот и можам да кажам дека во ребалансот ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините. Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил некаде во месец август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за градба, за да се фати есенската градежна сезона“, изјави претседателот на Владата.

Фото: Кисела Вода