Укинување на предложениот Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ19 во Влае и негово враќање на ревизија бараат жителите на оваа скопска населба.
Организирани преку иницијативата „Борба за Влае“ тие предупредуваат дека доколку овој план се усвои од страна на Општина Карпош тоа ќе значи бришење на единствените спортски и зелени површини во овој дел од градот што ќе резултира со сериозно деградирање на квалитетот на живот, на сметка на згради и паркиралишта, односно објекти кои се во служба на нечии комерцијални интереси.
„Овој простор покрај Вардар е ретко место каде може да се одмориме од секојдневието и автомобилите. Бараме објектот за спорт да се избрише и да останат отворени терени, повторно за спорт, но од отворен тип, како и да се образложи потребата од објектот за здравствена и социјална заштита на местото на тревникот. Бидејќи сметаме дека на Влае не му фали повеќе бетон ни згради на местото на зеленилото сакаме да го спречиме овој ДУП од донесување“ велат од иницијативата.
Граѓаните повикуваат на реакција преку законското право на поднесување забелешки на ДУП-от преку анкетен лист кој треба да се пополни и достави до општината, најдоцна до 25 март. Во меѓувреме, овој петок, на 11-ти март во 14 часот, во просториите на УЗ Влае 2 ќе се одржи јавна презентација на планот каде граѓаните ќе можат да видат какви последици би имал планот врз нивната околина и да реагираат против неговото донесување.
„Општината не смее да донесува одлуки без да ги консултира жителите на Влае, особено онакви одлуки кои ќе имаат долгорочни последици врз квалитетот на живот и на идните генерации“, додаваат од „Борба за Влае“.
Од иницијативата велат дека потребно е да се реагира пред да се усвои ДУП-от и ги повикуваат сите граѓани на активно учество во креирањето на нивната непосредна средина.