Министерството за дигитална трансформација денеска организираше јавна расправа за Нацрт-законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор.
Министерот Стефан Андоновски ја истакна целта на Владата за создавање на целосно инклузивно дигитално општество.
„Создаваме правна рамка што ќе им овозможи на лицата со попреченост, на лицата со оштетен вид, како и на повозрасните граѓани целосно и рамноправно учество во дигиталното општество“, рече Андоновски.
Андоновски, на јавната расправа каде беа присутни претставници од државните институции, невладиниот сектор, меѓународните организации и академската заедница посочи дека законот е суштински чекор кон обезбедување целосна пристапност на владините веб-страници за лицата со попреченост.
„Ова е прашање кои со помош на технологијата, ќе овозможи основни човекови права и еднаков пристап до информации и услуги за сите граѓани”, истакна Андоновски.
Законот, кој произлегува од Директивата на ЕУ 2016/2102, предвидува сеопфатни мерки за обезбедување пристапност, вклучувајќи лесна и разбирлива пристапност до содржината, оперативност на интерфејсот и одржливост на техничката имплементација, посочија од Министерството и додадоа дека за следење на спроведувањето на законот, Министерството за дигитална трансформација ќе се посвети на усогласеноста, обезбедувањето обуки и издавањето технички упатства.
„Нашата визија е јасна – градиме дигитална држава во која секој граѓанин, без исклучок, ќе има еднаков пристап до информации и услуги. Овој закон е дел од пошироките заложби на државата за исполнување на задачите од Реформската агенда, Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост од 2011 година. Знаеме дека овој процес бара време и ресурси, но ова е инвестиција во подобра иднина во која дигиталната трансформација навистина не остава никого зад себе. Иднина во која технологијата ги руши, а не ги создава бариерите”, посочи Андоновски.