Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на седница на Влада презентирало информација со предлози за справување со високото ниво на загадување на воздухот во Република Македонија, во текот на летниот период и во текот на целата година.
„Со оглед на фактот што досегашната работа на Интерресорската работна група (ИРГ) за справување со овој проблем не ги даде очекуваните резултати, донесена е одлука за проширување на ИРГ со членови од други релевантни институции, замена на постоечки неактивни и пензионирани членови со други и учество и координација на ИРГ од функционери од МЖСПП на повисоко политичко ниво“, соопштува владата.
Еден од предлозите на МЖСПП за справување со високото ниво на загадување на воздухот во Република Македонија, стои во соопштението, е и засилен мониторинг на спроведување на сите пропишани мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, како и навремено информирање на Владата за ефикасно спроведување на дефинираните мерки во планските документи.
Интерресорската работна група е составена од претставници од разни институции, Министерството за животна средина, Град Скопје, Институт за јавно здравје итн. Целта на групата е да дава идеи, препораки, документи, планови за загадувањето, но досега за јавноста остана прилично нејасно колку често се состанува и кои се мерките што се договараат.
Додека трае процесот за проширување на ИРГ, во пресрет на нова репризно загадена зима, за утре од 17 часот е најавен нов протест пред Влада. Граѓански иницијативи и организации ќе маршираат за чист воздух до Карпош, каде ќе им се приклучат локални граѓани, со свои општински урбанистички и еколошки проблеми. Сите заедно ќе побараат заложби од народните претставници за исполнување на барањата кои ги доставија до институциите и конечно решавање на еколошкиот хаос.