Ќе се реализираат 13 идеи за помош на локалните заедници во НП Шар Планина и НП Маврово

Со изложба за претставување на локални акции, 13 организации потпишаа и договори за спроведување на различни локални проекти за заштита на животната средина и биолошката разновидност, одржливо користење на природните ресурси, недрвени шумски производи и туризам заснован на природа.

Настанот се одржа во рамки на вчерашната средба, кога на 3 ноември, во Маврово, 13 локални организации регистрирани во Националниот парк Шар Планина и Националниот парк Маврово претставија како ќе им помогнат на локалните заедници на овие две заштени подрачја.

„Изложбата им даде можност на организациите накратко да ја претстават својата замисла, а целта на изложбата беше директна интерактивна комуникација помеѓу корисниците и гостите, давајќи можност за темелно запознавање со 13 идеи што треба да се реализираат во заштитените подрачја на Шар Планина и Маврово“, велат организаторите, дополнувајќи дека за реализација на идеите се издвоени 160.000 евра директна финансиска поддршка, преку јавен повик на CNVP.

Акциите ќе бидат спроведени во рамки на проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шар и Албанските Алпи“, имплементиран од CNVP и финансиски поддржан од PONT.

„Драго ми е што проектот кој е финансиски поддржан од PONT, ќе се имплементира регионално. Целта е да се задржи населението во руралните средини и да се запре иселувањето, да им се овозможи на жителите во планинските села да живеат достоинствен живот, да ги задржиме младите во своите домови, и да ги научиме како да живеат во хармонија со природата“, изјави Нехат Рамадани, директор на CNVP во С. Македонија.

„Искрено се надевам дека преку обезбедената поддршка на локалните заедници ќе се иницира социо-економски развој во Полошкиот и Мавровскиот регион, и ќе обезбеди директна поддршка на локалните невладини организации, заштитени подрачја, општини, мали и средни претпријатија и други локални заедници кои делуваат во регионот“, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска, потенцирајќи ја важноста на поддршката и соработката на регионално ниво за постигнување на одржливо управување со заштитените подрачја кои земјава ги дели со соседни држави.