Утре ќе се запре со продажбата на Офицерскиот дом во Битола, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вестите на телевизијата Сител.
„Гледаме дека граѓаните на Битола не го поддржуваат тој проект. Размисливме уште еднаш и одлучивме од понеделник да се стопира тој процес“, изјави Груевски.
Ваквата најава доаѓа по силните реакции на граѓаните кои беа револтирани од ваквата одлука. Огласот за продажба на овој споменик на културата, заштитен со закон, беше објавен пред неколку дена. Електронското јавно наддавање беше закажано за 19 февруари, за почетна цена од 900.000 евра.
Зградата е стара повеќе од еден век, сместена е на Широк сокак, а заедно со придружните објекти зафаќа површина од околу 2.000 квадрати.